Поранешниот премиер Зоран Заев рече дека обвинувањата од актуелниот премиер Христијан Мицкоски за наводни „куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија“ се невистини и очаен обид да се пренасочи вниманието на јавноста од, како што вели, неговите неуспеси.
„Небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која ѝ ја нанесува на целата држава. Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни ‘куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија’ како невистини“, објави Заев на социјалните мрежи.
Претходно, на митинг во Куманово, премиерот Мицкоски изјави дека СДСМ подготвува ново попуштање кон Бугарија, спакувано како „тројански коњ“ со црвени линии.
„Се сеќавам, не заборавам, дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС, и тоа директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица. Сега не сакам да верувам, но многу е логично дека повторно тропнале на истата врата и повторно се надеваат на ново куферче“, рече Мицкоски.
Заев во својата реакција додаде дека експерти за куфери со пари се поддржувачите и финансиерите на Мицкоски.
„А, кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери. Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“, рече Заев.
Вчера пак на прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Бојко Борисов своевремено сам кажал дека лично ја помогнал опцијата на Зоран Заев за доаѓање на власт.