Премиерот Зоран Заев кажа денеска преку стручната служба на МНР ќе ја проверат автентичноста на изјавата на португалската министерка за Европа Ана Паула Закаријаш, која за Бугарското национално радио рече дека „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик“.
„Португалскиот предлог нуди решение, но не зазема страни внатре. Во самиот португалски предлог, во преговарачката рамка е решението преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик. Секако имаат изјави и двете страни. И нашата и бугарската страна, каде што веројатно министерката направила толкување за бугарски медиум или слично за кое нешто ќе провериме денес преку стручната служба на МНР за автентичноста на тоа што е кажано и МНР соодветно ќе реагира во јавноста“, изјави Заев денеска на прес-конференција за нови економски мерки.
Премиерот повтори дека португалскиот предлог е добра основа за решавање на спорот со Бугарија.
„Сме кажале, за нас е добра основа затоа што нормално кога заврши Самитот на ЕУ, односно Европскиот совет, ние веќе дадовме и длабински коментари за португалскиот предлог во мои изјави во изјавите на Бујар Османи, нашето МНР, каде што неколку пати кажавме во тој предлог секако и како што е конструирана преговарачката рамка доколку се донесеше нормално, одлуката таму стои преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик. Ги има унилатералните изјави на Северна Македонија, и на Бугарија. Си имаат тие свое толкување. Вие знаете до ден денес со Бугарија имаме билатерален реципроцитетен договор со којшто потпишуваме договори, одредени меморандуми и спогодби на кои стои дека тоа е бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија и македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија. Тоа е билатерален дел кој го имаме со Бугарија“, рече Заев и уште еднаш кажа дека прво ќе ја проверат прво автентичноста на изјавата од МНР и ќе дадат свој коментар.