ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ КОИ СЕ ЛЕКУВААТ ВО БОЛНИЦАТА „ЈАСЕНОВО“ НЕМААТ ТРАЈНИ И СЕРИОЗНИ ОШТЕТУВАЊА НА ДИШНИТЕ ПАТИШТА

    ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ КОИ СЕ ЛЕКУВААТ ВО БОЛНИЦАТА „ЈАСЕНОВО“ НЕМААТ ТРАЈНИ И СЕРИОЗНИ ОШТЕТУВАЊА НА ДИШНИТЕ ПАТИШТАПациенти се млади на возраст од 17 до 22 години.(Фото: СДК.МК)

    Дел од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се лекуваат во болницата за белодробни заболувања „Јасеново“ крај Велес. Таму нега и совети добиваат дваесетина пациенти, кои се здобиле со оштетувања на респираторните органи при вдишувањето на врелиот воздух и чадот во објектот ноќта на 16 март.

    „Од досегашните испитувања, кај повеќето млади резултатите се во границата на нормалата, поголемиот број се без трајни и дефинитивни промени во белите дробови. Нема уништување на здравото ткиво и создавање на сврзно ткиво, кое доведува до хронична респираторна инсуфициенција, оштетување кое се провлекува низ целиот живот. За среќа, сите овие деца кои доаѓаат на лекување кај нас се во стабилна и добра состојба, без последици, без оштетување на срцето. Имало агенси во огнот во објектот кои до денес не се откриени а предизвикале оштетување на дишните патишта“, вели д-р Гоце Бузалков, интернист и пулмоалерголог.

    Бидејќи вакви доктори-супспецијалисти има малку во земјава, одлучено е дел од 200-те пациенти кои настрадаа во пожарот да се лекуваат во болницата „Јасеново“.

    При прегледите се прави проценка на нивниот капацитет за дишење и моменталната состојба, се разговара за нивната иднина. Тие, покрај физичките, имаат и психички трауми. Покрај изгорениците, имаат и проблеми со респираторните органи. Овие лица, за кои докторот избегнува да каже дека се пациенти, туку оштетени од вдишаниот воздух, имаат предност пред сите други во болницата „Јасеново“ и доаѓаат со родителите. Добиваат и информација какво оштетување можело да настане во бронхите, во дишните патишта.

    „Тие се на возраст од 17 до 22 години. Некои имаат потешкотии, повремена кашлица, други се со чувство на гушење, замор и малаксаност при одреден напор. Правиме проценка на белодробните капацитети. Се прави анализа дали има уште воспалителен процес. Се снимаат на рендген дали има оштетени бронхи кои се деформирани од вдишувањето на тие токсични гасови. Правиме и спирометрија и оксиметрија – ниво на кислород во белите дробови, дали имаат доволно капацитет да го снабдат организмот со кислород, сатурација која кај нив треба да биде од 96 до 99 отсто“, додава д-р Бузалков.

    Повеќето имаа изгореници по рацете, лицето и вратот, тоа се промени кои можат да траат и по една година и повеќе, но тие ќе зацелат и нема да остават последици. Респираторните потешкотии кои ги имале минале без тешки реперкусии.

    „По интензивното лекување на овие млади лица, по прегледите и разговорите со нив, кога стравот ќе мине и неизвесноста какви резултати ќе добијат, прегледите овозможија сомнежите да ги снема и да се врати вербата во животот“, рече д-р Бузалков.

    Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во тек е судскиот процес, во кој се обвинети 35 физички и три правни лица.  Според обвинението, трагедијата не била несреќен сплет на околности, туку последица на години игнорирање на законите, погрешни одлуки и системски пропусти. „Пулс“ работела незаконски уште од 2012 година, без минимални технички услови, со нерегистрирани реконструкции, без соодветна противпожарна заштита и со крајно небезбедни услови за посетителите.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира