Пожарот во селото Негорци, Гевгелија се приближи на 50 до 100 метри до куќите и поради загрозеност на луѓето и куќите итно пренасочивме еден армиски хеликоптер да помогне во одбрана на селото, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Според последните податоци на ЦУК, до 13 часот во земјава имаше 16 пожари на отворен простор, од кои 7 активни, 6 под контрола и 3 изгаснати.
Ангелов попладнево изјави дека покрај досега пријавените пожари, избија два нови тешки пожари на отворено, едниот во Негорци, а другиот на територијата на општина Петровец, во атарот на с. Градманци, кој а се движи во насока на с. Катлановска Брезница. Таму гори деградирана шума, нискостеблести растенија.
„Пожарот во Негорци е поопасен, на лице место се и локалните пожарникари, кои се веќе исцрпени поради пожарите во Богданци и Дојран. Затоа, апелирам до жителите на Негорци да излезат надвор и да помогнат да се стопира огнената линија“, рече Ангелов.
Б. НЕСТОРОСКА