Собранието утре ќе работи паралелно со протестите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кажа спикерот Африм Гаши, кој претпоставува дека пратениците пешки ќе дојдат до зградата. Утре (10 февруари) од 9 часот, работниците предводени од ССМ ќе одржат протест со блокади на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“ за да не може пратениците да дојдат со возила на работа и како што велат „да поминат покрај работниците и да ги погледаат во очи“, како и да не можат да си наплатат патни трошоци.
„Најавивме на сите координатори да им кажат на пратениците да најдат начин да дојдат на седница, оти мора да продолжиме да работиме, а притоа да го почитуваме правото на штрајк. Нема да има специјално обезбедување на Собранието. Шефот на мојот кабинет имаше средба со МВР, тие си имаат редовни безбедносни протоколи. Така, ние ќе си работиме, тие ќе си протестираат”, кажа на денешниот брифинг Гаши.
Очекува дека само влезовите за коли ќе ги блокираат, како што најавија од Синдикатот.
„Не верувам дека некој пратеник нема да дојде пешки”, кажа тој.
На прашање дали пратениците се расположени за удоволување на барањата на работниците за 600 евра минимална и за зголемување за 6.000 денари на сите останати плати,
Гаши рече дека секоја партија ќе си заземе свој став.
Прашан лично дали смета платите на претседателот на Собранието и на пратениците да се намалат, Гаши рече дека треба да се направи една генерална анализа, да се видат сите плати, па да се нивелираат по важност – кои се најважните плати во државата, тие да бидат највисоко, не сите. На пример, наведе Гаши, претседател, премиер, претседател на Собрание, наставници, лекари…
С. К. ДЕЛЕВСКА



