Семејствата на загинатите и повредените во автобуската несреќа кај Ласкарци велат дека со неверување и чувство на неправда ја примиле веста за одлуката на Врховниот суд со која е укината пресудата за обвинетите и предметот е вратен на повторно одлучување пред Апелациониот суд. Во соопштението упатено до јавноста, тие наведуваат дека ваквото решение претставува удар врз општеството и дополнително ја поткопува нарушената доверба на граѓаните во судскиот систем.
„Сметаме дека ваквата одлука дополнително ја поткопува и онака сериозно нарушената доверба на граѓаните во правосудниот систем. Ова не претставува само неуспех на правосудниот систем, туку и сериозен удар врз целото општество“, се вели во соопштението на кое што се потпишани 35 членови на семејствата.
Семејствата велат дека одлуката следува по речиси седум години од несреќата во која животот го загубија 16 лица, а повеќе од 30 беа тешко повредени. По шестгодишен маратонски процес и над 150 одржани судски рочишта, тие велат дека со овој потег повторно се оживуваат болните спомени и се одложува конечната судска разрешница, додавајќи дека судското образложение сè уште не им е официјално доставено.
Во реакцијата се наведува дека трагедијата оставила долготрајни последици врз здравјето на семејствата, а дел од родителите што ги загубија децата, меѓу кои Благојче, Митко, Љупче и Сретен, починаа без да дочекаат судска правда.
Блиските на настраданите потсетуваат дека човечкиот живот нема цена и оти ниту една пресуда не може да ги врати загубените животи, но правдата е долг на државата кон жртвите и повредените. Тие бараат одлука заснована врз веќе изведените докази од првостепената и второстепената постапка, без понатамошни одолговлекувања и без компромиси, со барање законот да важи еднакво за секој граѓанин.
„Потсетуваме дека човечкиот живот нема цена. Ниту една пресуда не може да ги врати нашите најмили, но правдата е најмалку што државата им должи на жртвите, повредените и нивните семејства“, се вели во соопштението.
За автобуската несреќа што се случи во февруари 2019 година, на 10 години затвор осудени беа сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули и одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари, на седум години затвор двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, а возачот Маноил Трифуновски на 14 години затвор.
Но, сега сите излегуваат на слобода, зашто Врховниот суд им ги поништи пресудите.



