Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко, на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК што да прават независните кандидати, дали да продолжат со собирање потписи и дали ДИК ќе одлучува како би учествувале на локалните избори среде законскиот вакуум, е дециден дека во Изборниот законик е дадено правото на независни кандидати и листи, односно во Изборниот законик именувани како „група избирачи“.
„Државната изборна комисија веќе се изјасни дека правото на учество на група избирачи е дадено директно со закон и за тоа Комисијата нема зошто да одлучува, туку ќе го применува член 60 од Изборниот законик. Во Законот не постои само бројот на потписи потребен за кандидирање. Останува да се види дали пред почетокот на законскиот рок за собирање потписи (10 дена по распишувањето избори), Собранието ќе ги донесе измените на Законикот со кои ќе се определи бројот на потребни потписи. Ако не ги донесе, ДИК ќе го прецизира Упатството за поднесување на листи во смисла на примена на член 60 без собирање потписи“, вели Кондарко за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Ова би значело дека независните кандидати би можеле да поднесат листи на претстојните локални избори без да собираат потписи.
Подносител на листа на кандидати за пратеници, членови на Совет и градоначалник, според член 60 (гаранцијата за независните кандидати и листи е содржана во ставовите 1, 7, 8 и 9):
(1) Право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи (во натамошниот текст: подносител на листа).
(2) Во коалицијата која учествува на изборите може да учествуваат само регистрирани политички партии.
(3) Државната изборна комисија го утврдува субјективитетот на подносителот на листата на кандидати за избор на пратеници врз основа на договор на политичките партии кои настапуваат како коалиција на изборите.
(4) Општинската изборна комисија и Изборната комисија на Град Скопје го утврдува субјективитетот на подносителот на листата на кандидати за избор на членови на Совет и градоначалници врз основа на договор на политичките партии кои настапуваат како коалиција на изборите за избор на членови на совет и градоначалници.
(5) Договорот за коалицирање од ставовите (3) и (4) на овој член не може да го склучат граѓански организации и фондации и коалицијата не може да користи име и симбол на граѓанска организација или фондација.
(6) Договорот за коалицирање од ставовите (3) и (4) на овој член го склучуваат претставниците на политичките партии кои настапуваат заедно и тој го содржи името на коалицијата, симболот, општината/те, односно изборната/те единица/и во која настапуваат заедно.
(7) Листата на кандидати ја потпишува лично овластен претставник на подносителот на листата.
(8) Називот на листата се означува според името на подносителот на листата.
(9) Ако подносител на листата на кандидати е група избирачи, називот на листата се означува со „група избирачи” и името и презимето на кандидатот.
Oткако Уставен суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи на 1 отсто од гласачкото тело во изборна единица за учество на независните листи на изборите, се создаде правна празнина, бидејќи во меѓувреме Собранието не донесе нови законски одредби за бројката на потребни потписи.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, на 9 август ги распиша локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври. Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, согласно член 16 став 1 од Изборниот законик. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.
Минатата недела, граѓанските иницијативи почнаа да собираат потписи за формирање на партии откако партиите од власта и опозицијата здружено ги спречија да настапуваат на изборите како граѓански иницијативи. За да се формира партија потребни се 1.000 потписи од целата територија на државата.
Тие денеска рекоа дека и покрај оваа одлука на ДИК, продолжуваат со собирање потписи оти останува неизвесноста.
Заедничка партија ќе формираат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“. Партијата ќе се вика „Независни заедно“ и како што велат, ова е единствен начин да учествуваат на изборите и гласот на граѓаните да биде слушнат во општините. Посебна партија ќе формира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ). Партијата ќе го носи истото име, „Зелен хуман град“, и како што велат оттаму, се решиле да формираат партија бидејќи партиите со Изборниот законик нема да им овозможат учество на локалните избори како независен кандидат, без разлика што Уставен суд застана на нивна страна и апелираше за политички плурализам.
С. К. ДЕЛЕВСКА