Израел и Иран продолжија меѓусебно да се бомбардираат денеска откако иранската војска го отфрли тврдењето на Доналд Трамп дека САД разговараат со Техеран за завршување на војната, велејќи дека Вашингтон преговара сам со себе. Ова следува по извештаите дека САД испратиле план со 15 точки во Техеран.
„Дали нивото на вашата внатрешна борба достигна фаза вие да преговарате сами со себе?“, изјави портпаролот на заедничката воена команда на Иран, Ебрахим Золфакари, обраќајќи му се на Трамп.
„Луѓе како нас никогаш не можат да се согласуваат со луѓе како вас. Како што секогаш сме велеле, никој како нас нема да склучи договор со вас. Не сега. Никогаш“, додаде тој.
Иранското раководство претходно изјави дека не може да преговара со САД бидејќи двапати го нападнаа Иран за време на преговорите на високо ниво во последните две години. Војната е во својата четврта недела, илјадници луѓе загинаа и дојде до најголемиот енергетски шок во историјата.
Трамп им рече на новинарите во Белата куќа дека „САД се во преговори со вистинските луѓе во Иран“ за да се стави крај на војната, додавајќи дека „Иранците многу сакаат да постигнат договор“. Цените на нафтата паднаа денеска, по американските и израелските извештаи дека САД предлагаат едномесечно примирје и испратиле план со 15 точки во Техеран. Според израелската телевизија „Ченл 12“, планот вклучува демонтирање на иранската нуклеарна програма, прекин на поддршката за прокси групите, како што е Хезболах и повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф притоа се понуди да биде домаќин на преговорите помеѓу Иран и САД.
„Ја добивме оваа војна. Иранците многу сакаат да склучат договор“, кажа Трамп, додавајќи дека во преговорите учествуваат Џеј-Ди Венс и Марко Рубио.



