ПРЕКИНАТА ИСТРАГАТА ПРОТИВ СУДИЈАТА ФЕРАТИ СО ПОПРАВЕНИТЕ ОЦЕНКИ НА ТЕТОВСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ, СЕ ПОЈАВИЛЕ ПРИЈАВИ ЗА ПРЕПОЛАГАЊЕ НА 4 ИСПИТИ

    ПРЕКИНАТА ИСТРАГАТА ПРОТИВ СУДИЈАТА ФЕРАТИ СО ПОПРАВЕНИТЕ ОЦЕНКИ НА ТЕТОВСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ, СЕ ПОЈАВИЛЕ ПРИЈАВИ ЗА ПРЕПОЛАГАЊЕ НА 4 ИСПИТИСпротивно на Обвинителството, на 27 декември 2023 година тогашната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска кажа дека немало барања и пријави од Ферати за преполагање на испити (Фото: Основен суд Тетово)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје пред еден месец ја затворило истрагата против судијата Ељведин Ферати кого Државниот просветен инспекторат го фати како си поправал оценки на Тетовскиот универзитет со прешкртување.  Се појавиле документи од Тетовскиот универзитет според кои уште во 2014 година младиот Ферати преположил 4 испити и така го покачил просекот, за да се запише на Академијата за судии, тврди Обвинителството.

    Не е јасно како Државниот просветен инспекторат при контролата во Државниот универзитет во Тетово, не ги видел документите за преполагање, кога утврдил дека Ферати се пријавил на тогашниот оглас во Академијата со оценка 8,20, а во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет имал просек 7,88.

    Вчера судијата Ељведин Ферати кој од 2020 година е избран во Основен суд Тетово, за прегазувањето на 22-годишната Теодора Ристовска на пешачки премин, на повтореното судење на Менсур Пајазити му досуди казна од само 2 години затвор.

    „По поднесено известување од Државниот просветен инспекторат, ОЈО Скопје оформи предмет и ја прибави целокупната документација од досието на наведениот студент од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово и од Академијата за судии и јавни обвинители ‘Павел Шатев’. Во прилог на досието беа доставени и материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оценки за четири предмети со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек над 8,00, по што се пријавил за кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваквата информација на 31.01.2024 година Државниот универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен Записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година“, одговори денеска ОЈО Скопје на поставените прашања.

    По повод доставените документи, јавниот обвинител кој постапувал во предметот, на 10 март 2025 година донел резолуција со која констатирал дека не се исполнети елементите врз основа на кои би можел да преземе кривичен прогон по службена должност.

    Спротивно на Обвинителството, на 27 декември 2023 година тогашната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска кажа дека немало барања и пријави од Ферати за преполагање на испити за така да му порасне просекот.

    „Оценките биле пречкртани и поправени во повисоки, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита. Државниот просветен инспекторат веднаш го извести надлежното Јавно обвинителство“, кажа тогаш Ивановска.

    Судскиот совет побара увид во предметот за пресудата во врска со смртта на 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово, изјави денеска за МИА претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

    „Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме“, изјави Камбовски.

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека е згрозен од пресудата и дека тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот. Побара јавно од Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата.

    „По сообраќајна несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година, по признавање на вина, сторителот кој одзема млад живот беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор, за да Врховниот суд ги укине двете пресуди на Основниот и Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово вчера му досуди две години затвор на сторителот кој смртно одзема недолжен човечки живот, 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, Судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска. Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда…Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај“, рече Мицкоски по конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.

    Првото судење го водеше судијката Верка Костовска, која во ноември 2024 заминала во пензија. Повторното судење започна на 4 март 2025, со судијата Ељведин Ферати.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира