ПРИНОСИТЕ ОД ПЧЕЛАРСТВОТО СЕ ПРЕПОЛОВЕНИ ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ПЧЕЛАРИТЕ СЕ НА РАБ НА РЕНТАБИЛНОСТ

    ПРИНОСИТЕ ОД ПЧЕЛАРСТВОТО СЕ ПРЕПОЛОВЕНИ ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ПЧЕЛАРИТЕ СЕ НА РАБ НА РЕНТАБИЛНОСТВо 1990-те години имало над 20 килограми по пчелно семејство, а денес едвај има по 10 килограми. (Фото: СДК.МК)

    Приносите од пчеларството последните години драстично се намалени. Во 1990-те години имало над 20 килограми по пчелно семејство, а денес едвај има по 10 килограми. Сушата и температурите не дозволуваат вегетацијата да биде свежа за да може пчелата да ја искористи, велат од Здружението на пчелари Охрид.

    „Како пчелари не можеме да сме задоволни од приходите кои ги имаме последните неколку години. На раб на рентабилност сме. Климатските промени си го земаат својот данок. Во последно време немаме 4 годишни времиња, сè е сведено на зима и лето, големи осцилации на температурите, недоволна количина на дождови и снег на планините за да имаме баланс во природата во однос на вода и топлина. Самите растенија на таков предизвик не можат да опстојат и да лачат нектар за да може пчелата да го искористи“, вели Наум Трпчески претседател на Здружението на пчелари Охрид.

    Според него, исто така треба да се има поголема соработка помеѓу овоштарите и пчеларите поради усогласување на терминот за прскање на овошките со хемикалии кои содржат отрови штетни за пчелата.

    Организиран откуп на медот во државата нема. Продажбата оди преку „куќен праг“, на отворено на пазарите, а оние кои се регистрирани како примарни производители го продаваат медот по маркетите.

    Еден од поголемите предизвици денес на пчеларите е и лажниот, фалсификуван мед со кој се преплавени пазарите. Трпчески вели дека инспекторите ги зачестиле акциите на терен, но санкциите мора да бидат поголеми за да се сузбие ваквиот начин на заработка на лажните пчелари.

    „Мој апел е пчеларите да ги декларираат своите пчелни производи, бидејќи тоа е еден вид лична карта на нивниот пчеларник и за нив. Апел до потрошувачите да купуваат од локалните производители и со тоа да ја поддржуваат локалната економија. Апел до инспекцијата Агенција за храна и ветеринарство и Пазарната инспекција да прават позачестени контроли особено на пазарите. И да има многу повисоки казни особено онаму каде има репетиција, бидејќи на некои трговци им е поисплатливо да ја платат казната отколку да се откажат од продажбата на лажен мед“, вели Трпчески.

    Државата обезбедува субвенции како стимулативна мерка за пчеларите, 600 денари по пчелно семејство, а регистрираните примарни производители добиваат дополнителни средства како мерка за поддршка. Трпчески вели дека е потребно да се намали ДДВ за пчеларската опрема оти за разлика од останатите земјоделски гранки, само пчеларите плаќаат волкав данок.

    Пчеларството е единствената гранка во земјоделството која последниве години бележи подем. На територијата на Охрид и Дебрца има околу 350 пчелари, а последниве години има сѐ повеќе млади кои сакаат да се едуцираат за пчеларство.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира