ПРИСЛУШУВАЊЕТО ГРАЃАНИ ЗАРАДИ ИСТРАГИ ВО 2024 ПОРАСНАЛО ЗА 23 ОТСТО ОД 2023 ГОДИНА, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

    ПРИСЛУШУВАЊЕТО ГРАЃАНИ ЗАРАДИ ИСТРАГИ ВО 2024 ПОРАСНАЛО ЗА 23 ОТСТО ОД 2023 ГОДИНА, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВОСо поставување тајни камери и прислушни уреди во куќи, станови, канцеларии, кабинети и возила, откриени се кривичните дела Перење пари, Посредување во вршење проституција и Примање награда за противзаконито влијание. (Фото:СДК.МК)

    Во основните јавни обвинителства во земјава во текот на 2024 применети се посебни истражни мерки (ПИМ) од чл. 252 од Законот за кривична постапка (ЗКП) во вкупно 35 случаи против вкупно 363 лица со утврден идентитет, 8 лица со неутврден идентитет, за 163 предмети на кривично дело. За споредба, во 2023 во сите основни јавни обвинителства применети се посебни истражни мерки од чл.252 од ЗКП во вкупно 87 случаи против 416 лица со утврден идентитет, и 93 предмети на кривично дело.

    Обично ПИМ се користат комбинирано. Се користат кога не може на друг начин да се обезбедат докази во истрагата, тврди Обвинителството во најновиот извештај за користење на посебните истражни мерки во истрагите во 2024 година.

    Споредбената анализа на бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2024 и во 2023 покажува дека во текот на 2024 постои значително намалување на бројот на случаи во кои биле користени ПИМ и тоа од 87 случаи на 35 случаи, што значи намалување за 60%.

    Меѓутоа, кај бројот на лица со утврден идентитет против кои се применети мерките бројот е намален само за околу 11% – од 416 лица во 2023 година на 363 лица со утврден идентитет и 8 лица со неутврден идентитет во 2024, што покажува дека опфатот на мерките и натаму бил значителен.

    Кај бројот на предмети врз кои се применувале посебни истражни мерки постои значително зголемување, од 93 предмети на кривично дело во 2023 на 163 предмети на кривично дело во 2024, или зголемување за дури 75%.

    Со прислушување телефони и со следење други електронски комуникации, Обвинителството вели дека биле докажувани убиства, финансиски криминал, шверц на дрога, на мигранти, на културни добра, трговија со луѓе, поткуп, терористичка организација, тероризам…. Дел од овие мерки уште траат и сега во 2025 година.

    Се прислушувале телефони во 25 истраги, против 163 лица со утврден идентитет, како и против 5 лица со неутврден идентитет, се вели во извештајот.

    Во однос на 2023 година кога имало вкупно 31 случај против 133 лица, во 2024 има зголемен опфат на лицата врз кои се применувала оваа мерка за околу 23%.

    Во вкупно 3 случаи, во три објекти е применета мерката следење и снимање во дом, затворен или простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации. Тука станува збор за тајно-инсталирани камери и прислушни уреди во приватни домови, канцеларии и автомобили, со цел Обвинителството да обезбеди докази за кривични дела. Во сите 3 случаи примената на мерката траела до 4 месеци.

    Како резултат на доказите прибавени од примената на оваа посебна истражна мерка, во 2 случаја биле е донесени наредби за спроведување истражна постапка кои опфатиле вкупно 8 осомничени лица. Од нив, за 4 лица истрагата е во тек, за 3 лица по спроведена истражна постапка е поднесено обвинение. За едно лице донесена е пресуда врз основа на предлог-спогодба.

    Во еден случај тајното снимање уште е во тек, вели Обвинителството. Кривични дела за чие откривање е користена оваа мерка биле: Перење пари и други приноси од казниво дело, Посредување во вршење проституција и за откривање на Примање награда за противзаконито влијание.

    Однадвор повеќе се следело и снимало отколку во куќи, станови, канцеларии, кабинети и автомобили. Мерката тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен, била применета во вкупно 26 случаи против 149 лица со утврден идентитет и против 160 предмети (објекти, патнички и товарни моторни возила, мотори и др.) кои биле тајно следени и снимани.

    Во истрагите бил применет и симулиран откуп на предмети. Оваа мерка се користела во 3 случаи против 7 лицa со утврден идентитет.

    Слаба примена имала и мерката симулирано давање и примање поткуп, додека во Македонија на секој чекор се бара мито. Оваа мерка е применета во само два случаја, против 9 лица со утврден идентитет и против едно лице со неутврден идентитет.

    Врз основа на доказите прибрани со успешна примена на оваа мерка, донесени се наредби за спроведување истражна постапка кои опфаќаат вкупно 19 лица.

    Мерката користење лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци и со инфилтрирање во организирани криминални групи, била применета во 5 случаи и тоа против 47 лица со утврден идентитет и против еден човек со неутврден идентитет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира