ПРИВАТНИТЕ ГРАДИНКИ ПРЕДЛАГААТ ДРЖАВАТА ДА ДАДЕ СУБВЕНЦИИ ОД 250 ЕВРА ПО ДЕТЕ ЗА ДА СЕ НАМАЛАТ ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ ВО ДРЖАВНИТЕ УСТАНОВИ

    ПРИВАТНИТЕ ГРАДИНКИ ПРЕДЛАГААТ ДРЖАВАТА ДА ДАДЕ СУБВЕНЦИИ ОД 250 ЕВРА ПО ДЕТЕ ЗА ДА СЕ НАМАЛАТ ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ ВО ДРЖАВНИТЕ УСТАНОВИЦелта на проектот е да овозможи пристап до градинка за 1.260 деца, преку субвенционирање на нивниот престој во 20 приватни градинки низ државата. (Фото: К. Попов)

    Асоцијацијата на приватни градинки „Полет“ им предлага на државните надлежни институции да го субвенционираат престојот на деца во приватни градинки, бидејќи се долги листите за упис во државните, а од друга страна се и преполни. Целта на проектот е да овозможи пристап до градинка за 1.260 деца, преку субвенционирање на нивниот престој во 20 приватни градинки низ државата. Проектот предвидува годишен буџет од 3.780.000 евра.

    „Овие средства се наменети за директна поддршка на семејствата и покривање на трошоците за престој на децата во приватни градинки, со јасно дефинирани критериуми и транспарентен модел на распределба. За секое дете е предвиден ваучер во висина од 250 евра месечно, што го покрива поголемиот дел од трошоците за престој во приватна градинка. Како посебна општествено одговорна компонента, проектот предвидува вклучување на 5 до 10% од предвидената бројка од 1.260 деца, на деца од ранливи категории, целосно бесплатно, без никакви дополнителни трошоци за родителите или државата. На тој начин се гарантира правичност, инклузивност и еднаков старт за сите деца, без исклучок“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК, Билјана Караманолевска од „Светот на Колорес“.

    Финансиската поддршка е насочена особено кон семејствата со пониски приходи, а предвидено е и вклучување на деца од ранливи категории. Според некои статистики, вели таа,  под 30% од децата на возраст од 0 до 6 години се опфатени со предучилишна настава, бројка која значително заостанува зад стандардите на развиените земји.

    Од средбата во мај на претставници од Асоцијацијата на приватни градинки „Полет” со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заменик-министерот Ѓоко Велковски, државниот секретар Фатмир Сабриу, инспекцискиот надзор и тимот на детска заштита. (Фото: Фејсбук)

    „Со оваа иницијатива, приватните градинки ќе станат подостапни за поширокиот слој на населението, намалувајќи ја сегашната нееднаквост помеѓу децата чии родители можат да си дозволат приватна установа и оние кои се оставени на долги листи на чекање во јавните градинки. Особено загрижува состојбата во Скопје, каде недостигот на капацитети ја продлабочува социјалната нерамнотежа. Треба да се има во предвид дека предучилишното образование не е само подготовка за училиште – тоа е темел за целокупниот интелектуален, емоционален и социјален развој на децата. Искуствата и истражувањата покажуваат дека децата кои посетуваат градинка имаат поголеми шанси за успех во образованието, но и за поздрава и посигурна иднина. Од друга страна, државата со тоа добива посилна работна сила, зголемена продуктивност и подобри економски индикатори“, вели Караманолевска, додавајќи дека проектот бара огромни инвестиции во нова инфраструктура , туку, ќе се искористат веќе постоечките капацитети на приватните градинки.

    Тие веќе имале средба со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, и разговарале и со претставници на Светска банка и УНИЦЕФ во Македонија.

    Од Министерството за социјална политика, демографија и млади ни рекоа дека во врска со предлог-проектот на Асоцијацијата на приватни градинки „Полет“ , таков документ- проект официјално сѐ уште не е доставен до Министерството туку на состанокот се дискутирало за таа идеја.

    „Во фокусот на разговорот беа исто така актуелните предизвици со кои се соочува предучилишното воспитание и образование.  Се дискутираше за потребата од системски пристап во подобрувањето на законската рамка, професионализација и лиценцирање на кадарот, како и за проширување на пристапот до приватните предучилишни установи преку јасни и фер механизми на државна поддршка. Дискусиите на средбата беа насочени кон остварувањето на една клучна заедничка стратешка цел: создавање на инклузивен, квалитетен и достапен систем за ран детски развој“, велат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира