Туристите од соседството, Србија, Црна Гора, Хрватска, Грција, Албанија и дел домашни гости го исполнија приватното сместување во Охрид за новогодишните празници. Хотелите останаа полупразни, а повеќето од нив поради енергетската криза претходно ги затворија објектите оти не им било исплатливо да работат со исполнетост под 50 проценти.
„Оваа година имаме половично гости од она што сме имале минатите години, што секако не е добро за хотелскиот сектор. Сето тоа се должи на поскапувањето на електричната енергија, поскапување на сите артикли и производи. Енергетската криза се покажа полоша и од корона пандемијата. Ако до лани еден тридневен новогодишен аранжман чинеше 150 евра, годинава цената поради инфлацијата е 250 евра“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
На градскиот плоштад за дочекот на новата година ќе настапат Петар Нечоски, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и диџеите Багзи и Јана Слеј.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски смета дека Охрид и Струга треба да понудат концерти со ѕвезди, базари и организирани програми за привлекување на што повеќе туристи од европските земји.
„Дочекот на Новата година треба да создаде поголема конкурентност помеѓу градовите. Ние не смееме да не очекуваме дека Охрид и Струга ќе блеснат во вистинскиот сјај за новогодишните празници. Ние не треба да се прашуваме дали ќе имаме дочек, туку истиот план треба да биде спремен во септември, октомври за да може туроператорите да ги понудат во своите програми“, вели Јаневски.
Според него, туристичките работници треба да ја збогатат понудата со автентични атракции и да го подигнат квалитетот на услугите.
„Ние треба да понудиме многу повеќе за цената. Тогаш цената нема да биде во фокус туку ќе биде услугата. Нашите дестинации не се за евтин туризам, но за останатиот тип на туризам пред сè треба да ја имаме услугата и да нудиме искуства што ги нема во другите дестинации“, додава Јаневски.
И покрај енергетската и економска криза, Охрид и Струга се со осветлени и со украсени плоштади.
С. ВРЕНЦОВСКА