Охриѓани ќе добијат затворен пливачки базен следната година. Ова е новиот рок кој за САКАМДАКАЖАМ.МК го изјавија од Министерството за спорт за објектот кој започна да се гради пред девет години.
„Министерство за спорт прави сè што е во негова моќ и надлежност за охриѓани да го имаат на располагање затворениот пливачки базен во текот на 2026 година“, велат од Министерството за спорт.
Министерството ја чешлаше работата на поранешната Агенција за млади и спорт и на изведувачот на овој капитален објект вреден 5 милиони евра. Иако министерот Борко Ристески најави дека е можно раскинување на договорот со фирмата изведувач и изработка на нов проект, сепак нема да се бара нова фирма да го доврши базенот оти тоа би чинело повеќе пари.
„Од страна на вештите лица ангажирани од Министерство за спорт утврдена е фактичката состојба, утврдени се недоследности кои произлегуваат од непредвидени околности различни од проектната документација во делот на подземна бунарска вода потребна за напојување на климатизацијата на објектот, кои се од технички карактер и се решаваат во текот на изведбата на објектот. Исто така, добиени се препораки да се пристапи кон завршување на проектот со истиот изведувач, од причина што вредноста на објектот пред девет години, во случај на раскинување на договорот, би била многу поголема. Препораките се да се пристапи кон измена на проектната документација и да се обезбедат дополнителни средства во согласност со Законот за јавни набавки“, велат од Министерството за спорт.
Во текот на изведбата биле констатирани проблеми од технички карактер, а ќе се прави промена на целокупната планирана климатизација на објектот, со што се појавува потреба од измена во целосната проектна документација за објектот согласно Законот за градење. Потребна е промена на изворот на енергија за термотехничките инсталации зa oбјектот, кои предизвикуваат промени во останатите фази на изведба.
Дополнителните средства за завршување на затворениот базен нема да го надминуваат законски одобрениот процент од 20 проценти, согласно Законот за јавни набавки. Од Министерството велат ако во иднина се утврдат неправилности, ќе се применат казнените одредби од договорот.
Најпрвин се најавуваше дека базенот ќе биде готов до 2019, па потоа се одложи за 2020, а последниве две години на објектот нема никакви градежни активности. Последно уверување дека базенот ќе биде готов до септември 2025 даде Наумче Мојсоски како директор на Агенцијата за млади и спорт.
Затворениот пливачки базен во Охрид започна да се гради во 2015, а според првичниот проект пливачкиот комплекс треба да опфаќа два базени, од кои еден помал базен за деца и за обука на непливачи и еден поголем базен со ватерполо димензии. Покрај базените, комплексот ќе располага со трибини со капацитет од 500 седишта, помошни простории за фитнес клуб, спа и велнес центар, простор за пинг-понг, продавница за спортска опрема, ресторан, игротека, како и комерцијален административен простор.
Од Министерството за спорт велат дека досега е завршено темелењето и армирано-бетонскиот конструктивен систем на објектот. Кровната конструкција и конструкциите од челик се во завршна фаза. Челичните фасадни елементи се завршени. Фасадата е делумно завршена односно завршен е делот изведен од профилиран композитен термоизолационен панел, но не се завршени влезните портали и стаклени панели. Внатрешните преградни ѕидови се делумно изведени. Во објектот се изведени внатрешните инсталации за фекална и водоводна инсталација како и дел од електричните инсталации.
С. ВРЕНЦОВСКА