Од денеска пуштен во употреба е експресниот пат од Дреново до Фариш во должина од 10,2 километри. Оваа делница е дел од експресниот пат Градско-Прилеп, односно првата делница од Градско до Фариш во должина од 16,5 километри беше пуштена во јануари годинава, а сега делот од Дреново до Фариш. Изградбата чини 44,7 милиони евра, средства кои се обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Како што кажа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, оваа делница почна да се гради во 2016 година, но поради слаба динамика на градежните работи раскинат беше договорот со шпанската фирма „Рубау“. Во 2021 е склучен нов договорт со кинеската „Синохидро“ и иако требаше патот да биде завршен во јули 2023 година, градежните работи се одложија до сега.
„Кога дојдов на функцијата патот беше во најголем дел направен, но се работеше со слаб интензит и требаше да се решат одредени проблеми. На делницата Фариш-Дреново вложивме натчовечки напори да ги совладаме препреките во градежните работи, особено во стабилизацијата на опасните карпи и да ја забрзаме изведбата на работите. На само 10,2 км имаме 1 тунел со две цевки, 21 мост, 11 потпорни ѕида, 1 вијадукт, 7 АБ конструкции, бројни подпатници, цевасти пропусти и 1 кружен тек на постојниот пат со клучка Дреново. Со изградбата на овој пат за помалку од еден час ќе се патува од Скопје до Прилеп“, рече Трајановски.
Трајановски кажа дека Владата планира изградба на експресен пат до Прилеп со тунел под Плетвар.
А. АНТЕВСКА