Американскиот претседател Џо Бајден рече дека е огорчен и им се придружи на другите западни лидери во критикувањето на Русија за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
„Не знаеме што точно се случило, но нема сомнеж дека смртта на Навални беше последица на нешто што го направија Путин и неговите насилници“, рече Бајден во Белата куќа.
„Руските власти ќе ја раскажат сопствената приказна“, рече Бајден. „Но, не правете грешка. Не правете грешка: Путин е одговорен за смртта на Навални“.
Алексеј Навални (47), најжестокиот критичар на Путин против кого се бореше две децении, служеше 19-годишна казна во еден од најстрогите затвори во Русија, „Поларен волк“ на Арктикот, откако во август беше осуден за екстремизам. Затворските служби вчера објавија дека на него му се слошило по прошетка и дека сите напори за негово оживување биле неуспешни. Тимот на Навални рече дека нивниот адвокат е на пат кон затворот, и ќе објави нови информации кога ќе може, но кажа дека речиси нема надеж оти тој е жив.
Кремљ соопшти дека Путин бил информиран за смртта на Навални. Тој јавно не кажа ништо за Навални.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш повика на целосна и транспарентна истрага за смртта на Навални.
Западните лидери оддадоа почит на храброста на Навални како борец за слобода. Некои, без да наведат докази, го обвинија Кремљ за убиство и рекоа дека Путин треба да одговара. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека реакцијата на западните лидери на смртта е неприфатлива и „апсолутно бесна“.
Повеќе од 100 улични демонстранти беа приведени синоќа во неколку руски градови – откако властите предупредија да не одржуваат јавни собири. Демонстрации и бдеење се одржаа во близина на руските амбасади во многу земји за да се изрази протест поради смртта на најгласниот критичар на Путин.
Јулија Навалнаја, сопругата на Навални, вчера ненадејно се појави на Минхенската безбедносна конференција, каде што се прошири веста за неговата смрт.
„Не знам дали да верувам во оваа ужасна вест или не. Веста за смртта на Алексеј дојде само од руските државни извори. Не можеме навистина да им веруваме на Путин и на неговата влада. Тие постојано лажат. Ако веста е точна, Путин и неговите соработници ќе сносат одговорност за тоа и за сето она што го прават во Русија. Барам од сите вас тука да се обедините и да помогнете да се казни овој руски режим“, изјави Навалнаја.