Во Велешко е расте бројот на пријави за семејно насилство. Бројките од надлежните институции за 2025 се повисоки во однос на 2024 година. Во велешката полиција лани имало 93 пријавени случаи, 76 во 2024, а во 2023 биле евидентирани 59 пријави. Во Центарот за социјални работи (ЈУ МЦСР) Велес лани имале пријави за 86 случаи, во 2024 се 73, а во 2023 се 68. Податоците се однесуваат на општините Велес, Чашка и Градско.
„Не расте бројот на случаи, расте бројот на пријави. Жените се охрабруваат, сметаат дека не се сами, дека има институции кои водат грижа за нив, стојат зад нив и ова зголемување на бројките е резултат на таа одлука на жените да престанат да молчат“, вели Ангелина Димовска од Организацијата на жени на Велес, која работи со случаи на пријави од жените.
Жртви најчесто се жените, но има и мажи кои пријавуваат семејно насилство врз нив. Во МЦСР Велес, од 86 сторители, 71 бил маж, а во 15 случаи сторители биле жени, додека жртви биле 91 лице од кои 72 жени и 19 мажи. Лани во шелтер-центарот за згрижување жртви од семејно насилство во Велес престојувала само една жена.
Според податоците на полицијата, во текот на 2025 година на подрачјето на СВР Велес биле констатирани вкупно 93 кривични дела од областа на семејното насилство, меѓу нив и едно убиство, на Росица Коцева, од нејзиниот партнер. Според бројноста, најмногу пријавени дела во полиција, 42, биле телесна повреда при семејно насилство, а 37 загрозување на сигурноста при семејно насилство. Според евиденцијата во СВР Велес, 80 кривични дела биле пријавени од жени, осум од мажи и пет од деца.
Во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес, во текот на 2025 година се примени 80 кривични пријави за кривични дела поврзани со семејно насилство. Од нив, 34 се отфрлени со решенија бидејќи пријавителот се откажал од кривичното гонење, а за девет предмети е во тек предистражна постапка.
„До надлежниот суд се доставени 37 обвиненија, при што се донесени осум одлуки со кои на обвинетите им е изречена казна затвор, 21 одлука со која е изречена алтернативна мерка условна осуда, две решенија со кои на обвинетите им се изречени мерки на безбедност за задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, додека за другите поднесени обвиненија е во тек судска постапка“, соопштија од ОЈО Велес.
Минатата година, постапувајќи по кривичните пријави поврзани со семејно насилство, ОЈО Велес против две лица поднел и обвинение до Основниот суд Велес за кривично дело демнење, а во еден случај е донесена правосилна пресуда со ефективна затворска казна.
ОЈО Велес во 2024 има поднесено 32 обвиненија, во 20 случаи се изречени условни осуди, а во три решенија е изречено задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа. Во 2023, состојбата била слична – од 24 одлуки на судијата, во 20 била изречена условна затворска казна, во три психијатриско лекување, а во еден случај парична казна.
П. ПЕЧКОВ



