Разрешениот судија од Кавадарци Лазар Нанев, стана инспектор во Полициската станица Кавадарци и како полицаец во септември треба да седне на обвинителна клупа во Основен суд Велес, каде му се суди за несовесно работење во службата.
Во исто време, Осовното јавно обвинителство (ОЈО) Гевгелија против него има отворено истрага, зашто во неколку дена Нанев како судија му се јавил на мобилен над 90 пати на обвинет кого потоа го ослободил од кривична одговорност.
И покрај тоа што со две коруптивни однесувања Нанев ја извалка својата судиска кариера, а Судскиот совет го разреши, сега вратите му ги отвори Министерството за внатрешни работи (МВР), за да гони корупција.
- РАЗРЕШЕН СУДИЈАТА ЛАЗАР НАНЕВ, 97 ПАТИ ВО НЕКОЛКУ ДЕНА СЕ СЛУШНАЛ ПО ТЕЛЕФОН СО ОБВИНЕТ БИЗНИСМЕН КОГО ГО ОСЛОБОДИЛ ОД ОБВИНЕНИЕ
- НА 23 СЕПТЕМВРИ ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО НА РАЗРЕШЕНИОТ СУДИЈА ЛАЗАР НАНЕВ ВО ВЕЛЕШКИОТ СУД, ОБВИНЕТ Е ЗА НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕ ВО СЛУЖБАТА
Но, според правници, тој е незаконски примен назад во МВР и по друг основ, зашто според одговорот што го добивме денеска од Министерството, неговото работно место во оваа полициска станица му мирувало 23 години.
„Мирува работно место на судија кому му престанал работниот однос, односно дал отказ, не сака веќе да ја извршува судијската функција, не може да ја врши од икс причини и слично. Но, Нанев е разрешен од функцијата судија. Разрешен е поради коруптивно однесување и не се работи тука за престанок на функција, па за да му мирува работно место, односно да може да се врати на поранешно работно место кое му мирувало пред да биде избран за судија“, велат судии со кои разговаравме.
Тие се децидни дека во овој случај некој во МВР ги крши законите, а за кршење на закони, кривично се одговара.
Во одговорот на прашањето што го поставивме вчера, МВР вели дека Лазар Нанев бил вработен во Министерството 01.12.1992 година на работно место „инспектор за оперативни работи” во Полициска станица Кавадарци при тогашното ОВР Кавадарци, на кое работно место извршувал работи и задачи се до 07.02.2001 година.
„Потоа, од 08.02.2001 година до 01.08.2002 година, извршувал работи и задачи како „самостоен инспектор по производство, промет, корупција, нестопански и други дејности во стопанството” во Отсек за сузбивање на организиран криминал при СВР Велес, на кое работно место последно извршувал работни задачи пред да биде избран за судија на Основниот суд Кавадарци и со тоа да му мирува работниот однос во Министерството за внатрешни работи“, се вели во хронолошкиот одговор за Нанев.
Во продолжение се наведува дека согласно член 54 од тогаш важечкиот Закон за работни односи, од страна на тогашниот министер за внатрешни работи било донесено решение бр.16.2-38488/1 од 21.08.2002 година со кое на Лазар Нанев му мирувале правата и обврските од работниот однос во МВР, поради тоа што со Одлука за избор на судии на основните судови бр.07-2807/1 од 11.07.2002 година од Собранието, бил избран за судија на Основен суд Кавадарци, сметано од 01.02.2002 година.
„Со предметното решение на именуваниот му било утврдено право во рок од 30 дена од денот на престанување на функцијата која ја вршел, да се врати на работа на работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка“, го нарекува МВР разрешувањето на Нанев „престанување“ на функцијата, што не е исто.
Нанев поднел барање за враќање на работа во МВР на местото за кое МВР смета дека му мирувало 23 години.
„Сега е инспектор за општ криминалитет во Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кавадарци, Одделение за внатрешни работи Кавадарци при СВР Велес, сметано од 15.07.2025 година, кое работно место одговара на неговиот степен и вид на стручна подготовка“, се вели во одговорот од МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА