Под тешки трауми од самоубиството на жртвата на повеќегодишното семејно насилство Ивана Стојаноска и на нејзината 6-годишна ќерка Катја, во Кривичниот суд денеска во придружба на мајка си сведочеше Мартин Саздов, пред чии очи на 2 март се случи самоубиството.
27-годишниот Саздов плачеше и повраќаше во судницата. Како очевидец на сѐ што се случувало пред самоубиството и како единствен заштитник на двете жртви, мајка и ќерка од прво одделение, денеска тој кажа дека животот како да му застана на 2 март, кога Ивана се фрли од балкон, и оти нема мотив за животот. Со сведокот плачеше и неговата мајка.
Саздов бил пријател со Ивана и нејзиниот сопруг, колега од Пожарната бригада, сѐ додека не дознал дека тој се гледа со неговата девојка.
„До критичниот ден бевме колеги на работа. Не работиме на исто место, тој е во пожарната во Ѓорче, а јас во Автокоманда“, одговараше на прашања сведокот.
Ивана на почетокот му била како сестра, најдобра другарка.
„Со Стојанче не зборевме, не се гледавме. Во август 2025 година ми се јави Ивана во 1 ноќе со плачење, ми рече извини што те барам волку доцна, немам кому да се јавам, можеш ли да дојдеш да нѐ земеш, ние сме пред Штип, Стојанче нѐ тепаше и нѐ исфрли од кола. Јас бев дома, спиев, станав, се облеков и отидов да ги земам. Ивана беше на 5 километри од Штип. Прво не можев да ги најдам, ѝ се јавив, прашав каде се. Ми рече дека се кријат позади некоја банкина со Катја. Ми рече дека се од страната за накај Скопје. И реков да излезе, за да видам каде се точно. Свртев за назад, за кон Скопје и ги видов од десната страна покрај банкината. Ивана беше целата раскубана, модра, плачеше. Плачеше и Катја. Ги земав и отидовме кон Скопје. Прашав каде да ги однесам, рече не знам, страв ми е дома, да не нѐ тепа пак, ја прашав дали да ја однесам кај мајка ѝ, рече не, не сакам да ме види во ваква сосотојба. Реков, ќе те однесам дома кај мене, сестра ми е дома, јас ќе излезам да не ви е незгодно. Ѝ реков дека ќе одам директно на работа, и онака бев прва смена, за да си седат на раат“, сведочеше Саздов.
- ОБВИНЕТИОТ СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ ГИ ИЗВАДИЛ ОД КОЛА ИВАНА И КАТЈА, ЈА ЛЕГНАЛ МАЈКАТА И ЈА ТЕПАЛ ПРЕД ДЕТЕТО, ПО ШТО ГИ ОСТАВИЛ НА АВТОПАТ ВО ЕДЕН ПО ПОЛНОЌ
- ОТКАКО СЕ СМЕЕШЕ НА ОБВИНЕНИЕТО, СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ ПЛАЧЕЈЌИ СЕ ИЗЈАСНИ ЗА ВИНОВЕН ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО И ТЕЛЕСНИ ПОВРЕДИ, ПА СЕ ПРЕМИСЛИ
- „МАМА ВАКА ЧУЧНУВАШЕ ДОЛЕ ЗА ТАТО ДА ЈА ШУТИРА, ТЕ МОЛАМ БАБО НЕ КАЖУВАЈ”, Ѝ РАСКАЖУВАЛА ПОКОЈНАТА 6-ГОДИШНА КАТЈА НА БАБАТА КОЈА СВЕДОЧИ НА СУДЕЊЕТО НА СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ
- ОБВИНЕТИОТ СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ, КОЈ ЈА НАВЕДЕ СОПРУГАТА ИВАНА ДА СКОКНЕ ОД ШЕСТИ КАТ СОСЕ 6-ГОДИШНАТА ЌЕРКА, СЕ СМЕЕШЕ ДОДЕКА ОБВИНИТЕЛКАТА ЧИТАШЕ ШТО ИМ ПРАВЕЛ
Ивана плачела многу во кола. Катја покажала каде ѝ ја удирал главата на мајка ѝ Стојанче, бидејќи го утнала патот со навигацијата.
„Забележав модрици на главата и на рацете на Ивана. Целата беше искубана и исплашена. Ми рече Ивана дека ги исфрлил од колата како партали, им викал курви мали на Ивана и на Катја. Ивана ми кажа дека надвор од возилото ја шутирал со клоци. Ѝ реков да не зборуваме повеќе на таа тема, да се смират, па потоа ќе зборуваме“, раскажуваше сведокот.
Утредента сестрата на Мартин Саздов ги однела дома, бидејќи Стојанче отишол на работа.
Тепањето продолжило секој ден, Ивана му кажувала на Мартин за целото психопатско однесување на Стојанче, а претходно ја тепал и пред него, уште додека излегувале и се дружеле.
„Ѝ реков не се секирај, тука сме сите, тука се твоите, сите ќе ти помогнеме. Но, таа беше многу исплашена и не можев да ѝ помогнам. Беше затворена во себе, не зборуваше многу ни со нејзините. Се обидов на многу начини да ѝ помогнам, ама не можев. Ивана во тој период, после настанот во Штип, поднесе тужба за развод, отиде да живее кај мајка ѝ. Почнавме да излегуваме секој ден, ја шетавме Катја. На пример, ја носевме Катја во игротека, во зоолошка, на лулашки, во Џамбо. Ја шетавме цело време. Се обидував да направам да им биде убаво, да не бидат под стрес и исплашени. Ивана секој ден ми зборуваше, не знаеш каков психопат е, ќе нѐ убие двајцата. Ѝ реков не се секирај, има институции, ќе го решат периодов. Ја засакав. Ми рече: ‘Мартин, како што ми е со тебе сега, со никого не ми било вака. Со тебе се чувствувам многу сигурно и смирено’“, раскажуваше сведокот Мартин.
Во тој момент Стојанче се гледал со друга жена. Ивана ги фотографирала како седат на балконот во станот што го купила и опремила таа, а Стојанче ја избрка. Всушност од станот кај што се самоуби.
Кога ги видела, се качила горе. Се обидела да влезе, но Стојанче ја сменил бравата.
„Јас ѝ реков да не оди веќе таму, туку само да пријави дека не може да си влезе во станот”, рече сведокот, кој одговори дека не знае која е жената со која бил Стојанче, освен тоа дека имала синче.
Ивана знаела дека и претходно Стојанче комуницирал и се гледал со други жени.
„Кога почина татко ѝ, Ивана психички падна. Се затвори. Пробував да ја натерам да излеземе заедно. По некое време се врати во станот кај Стојанче. Таа го сакаше станот, рече само тоа дека ѝ останало, зашто во оставинската постапка по смртта на татко ѝ, нејзините ја исклучија поради ситуацијата со Стојанче. Се плашеше дека ќе остане на улица. Јас ѝ реков дека ако треба ќе ѝ платам стан под кирија, ќе ми ги врати парите кога ќе може. Таа ми кажа: ‘Не, Катја си ја бара својата соба’. Тогаш престанавме да се гледаме и да комуницираме”, одговараше Мартин на прашања.
Потоа, Ивана отишла кај адвокат за да поднесе барање за развод и за да си го врати дарот (делот од станот).
Мајката на Ивана, сведокот Љубица, му се јавила еден ден на Мартин, ја чула Ивана како плаче и зборува за пари. Стојанче ја натерал да ги извади парите од нејзината картичка. Плачела зашто неа и Мартин ги набедил оти го наместиле за дрога, а тој ѝ кажал дека си има институции да докажат оти они го фатиле, да не се секира.
На прашање на обвинителката, Саздов одговори дека откако го знае Стојанче, конзумирал дрога.
„И кога работевме заедно, конзумираше”, кажа сведокот.
Ивана му кажувала дека секоја вечер кога се враќал дома издрогиран, ја тепал пред Катја.
„Пред втори март цела беше со модрици, здробена од ќотек. Ја молев да си замине кај мајка ѝ. Тој и за Катја рекол: Курва мала, како мајка и е иста!”, сведочеше Мартин.
Кога биле во добри односи, Мартин го советувал: „Немој така за свое дете, родител си ѝ. Треба да си ја сакаш ќерка ти”.
Како што почнале да растат параноите дека Ивана и Мартин го наместиле за да го фатат со дрога, така насилството и психичкото малтретирање на Ивана и на Катја растело.
Ивана многу се плашела дека ќе ѝ ја зема Катја и повторувала дека не може да живее без неа. Затоа и во такви услови, од пред Нова Година Ивана и Мартин пак комуницирале.
„Се плашев многу за Ивана, не знаев како да и помогнам. Таа беше психички многу падната. Ѝ реков ајде да одиме на психијатар, на психолог. Отиде на психолошко советувалиште. И дадоа антидепресиви. Отиде и во социјалните служби, беше пратена од училиштето бидејќи Катја кажувала дека татко ѝ ја тепал мајка и”, кажа сведокот и пак почнал упорно да ја советува па дури и да ѝ се лути, за да се тргне од него и да се врати кај мајка ѝ.
Тамам обвинителката Адела Бојчевиќ спомна „а сега за критичниот ден“, на сведокот Мартин Саздов му се слоши. Судијата Ивица Стефановски даде пауза. Мартин повраќаше и не можеше да стои, мајка му отиде да му помогне.
„Мора Мартин да помине низ ова“, си рече уплаканата жена, додека цела судница плачеше.
С. К. ДЕЛЕВСКА



