РЕВОЛТИРАНА БИТОЛЧАНКА ЈА ВРАТИЛА ОТШТЕТАТА ОД 20 ЕВРА ЗА ЗЕМЈОТРЕСОТ ОД 2022 ВО ПЛИК НА ШАЛТЕР, ОПШТИНАТА НЕ КАЖУВА ДАЛИ ВРАТИЛЕ И ДРУГИ ОШТЕТЕНИ

    РЕВОЛТИРАНА БИТОЛЧАНКА ЈА ВРАТИЛА ОТШТЕТАТА ОД 20 ЕВРА ЗА ЗЕМЈОТРЕСОТ ОД 2022 ВО ПЛИК НА ШАЛТЕР, ОПШТИНАТА НЕ КАЖУВА ДАЛИ ВРАТИЛЕ И ДРУГИ ОШТЕТЕНИДа можеше парите да се вратат во државниот трезор, таму ќе ги вратев, но исплатата беше преку Општина Битола, вели битолчанката откако некои добија помалку од сто, а некои до 70 денари отштета. (Фото: СДК.МК)

    Битолчанка незадоволна од сумата од 1.270 денари (околу 20 евра) што деновиве ѝ била исплатена како отштета за земјотресот од 2022 година во Битола, парите ги ставила во плик и ги вратила на шалтер во Општина Битола.

    „На овој начин го изразив мојот револт поради ниската сума што ми беше исплатена, покрај големото оштетување што го имав врз куќата. Да можеше парите да се вратат во државниот трезор, таму ќе ги вратев, но исплатата беше преку Општина Битола. Парите, заедно со лист хартија на кој се потпишав, ги ставив во плик и ги однесов на општинскиот шалтер“, вели битолчанката.

    Уште вечерта по е-пошта испративме прашања до Општина Битола, дали е точно дека битолчани ги враќаат парите исплатени за штетите од земјотресот? И дали ќе побараат од Владата да го коригира процентот за исплата на штетите? Вчера повторно ги препративме истите прашања, но не добивме одговор до објавата на текстот одговор.

    По четири години чекање, деновиве добија отштета битолчаните кои имаа штети врз имотот нанесени од земјотресот на 9 јануари 2022. Но, беа запрепастени откако на повеќето од нив на сметката им стигнаа само неколку стотини денари. Има и граѓани кои не добија ни сто денари, а во просек отштетата е по околу 700 денари. По одлука на Владата донесена во 2024, на граѓаните им се исплаќа само 5 проценти од вкупно проценетите штети од 35.690.926 денари, односно само 1.784.546 денари.

    Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, која беше претседателка на Советот кога се случи земјотресот, ги повика битолчани да ги вратат парите од отштетата.

    „Битолчани отсекогаш биле еснаф луѓе, боеми, госпоѓи и господа, дотерани, страсни… И денес уште е таква Битола и битолчани. Не смее никој да ги потценува. Нека купат по еден плик, нека ги извадат од сметките парите што ги добија за штетите од Општина Битола и нека ги достават до градоначалникот на Општина Битола на шалтер, секој работен ден од 7:30 до 15:30 часот“, изјави Илиевска.

    За земјотресот беа решени 2.342 предмети. Сопствениците на оштетени објекти добија во просек по 732 денари, кои од државниот буџет беа префрлени на наменска сметка на Општината. На Комисијата која правеше проценка, Општината ѝ исплати далеку повисоки суми.

    На седум лица, чии имиња се спомнуваат во Комисијата за проценки на штети од земјотресот во 2022 година во Битола, според податоците на порталот „Отворени финансии“ (https://open.finance.gov.mk/mk/home), Општината им исплатила вкупно околу 14.000 евра, односно по 1.600 до 2.400 евра за секој член. Членовите на Комисијата — петмина експерти и 15 лица вработени во Општината — се објавени во „Службениот гласник на Општина Битола“. Но, само за седуммина од нив, двајца експерти и петмина општински административци, на „Отворени финансии“ има податоци дека им биле исплатени пари на 13.10.2023.

    Едниот од експертите, по професија градежен инженер, зел 151.039 денари (над 2.400 евра), а другиот – дипломиран правник – 135.000 денари (околу 2.200 евра). Лицата од администрацијата истиот ден зеле од 1.650 до 1.980 евра. Вкупно кон проценителите биле исплатени 843.210 денари (околу 14.000 евра).

    Во јануари 2022, Битола беше погодена од серија земјотреси со епицентрално подрачје кај Лерин, северна Грција. Најсилниот земјотрес со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер се случи вечерта на 9 јануари, а по него следуваа десетици други со послаб интензитет. Ударите предизвикаа оштетувања на училишта, градинки, Клиничката болница и други институции, згради и куќи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира