Вакциналниот статус е задолжителен при упис на детето во државните и приватните градинки, велат државните институции, иако е јавна тајна дека има приватни градинки каде не бараат вакцинален картон. Но, досега нема казнети приватни градинки, ниту пак е одземено решение за вршење на дејноста.
Родителка кој се јави во нашата редакција вели дека истражува каде да го запише 14-месечното дете, и забележала дека во некои приватни градинки не ѝ ни побарале вакцинален статус.
„Мене ми е страв така да го пуштам детето, да го изложам на таков ризик со невакцинирани деца“, вели мајката.
На разни групи на социјалните мрежи каде се бараат совети за деца, нега и за вакцини, често може да се забележи дека некоја мајка прашува каде примаат невакцинирани деца, и многу често добива одговори дека во државните градинки е строго контролиран приемот, додека во приватните градинки, каде цената за згрижување се движи од 16-22.000 денари месечно, е полабаво и може на прием да побараат вакцинален статус, но потоа не бараат ажурирање на вакциналниот картон.
„Моите три деца посетуваа приватна градинка, и за сите ми беше побаран вакцинален статус на прием. Само за второто дете, кое беше мало во екот на епидемијата на морбили, имаше построг режим во градинката и не ја примаа додека не ја вакцинирав со МРП вакцината. Оттогаш навака, можам да забележам дека се построги критериумите во градинките“, вели една скопјанка.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека во однос на контролата на градинките за вакцинален статус, во сите градинки-приватни или јавни, се врши контрола на уредноста на досието на секое дете, кое содржи и образец за здравствена состојба на детето, каде што има графа и покрај други здравствени податоци има податок и за вакциналниот статус.
„Нема казнети приватни градинки, ниту пак е одземено решение за обавување на дејноста“, ни одговорија од Министерството.
Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Кирил Лазов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Инспекторатот спроведува инспекциски надзор како во јавни така и во приватни установи – градинки. Покрај увидот во санитарно-хигиенската состојба на објектот која вклучува увид на извршени здравстено-хигиенски прегледи на вработениот персонал (санитарни книшки), извршена дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД) од овластена установа, користења средства за дезинфекција на работни површини, се проверува и вакциналниот статус на згрижените деца.
Во Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, кој е подзаконски акт на Законот за заштита на населението од заразни болести, е уредено дека вакциналниот статус се проверува од установите – градинки при упис на децата во овие предучилишни установи. Проверка на вакциналниот статус се врши врз основ на споредување на приложената документација за сите претходни имунизации, врз основ на Картон за имунизација – Личен картон за извршена имунизација и согласно Календарот за задолжителна имунизација на лица на одредена возраст.
„Ова подразбира дека при упис како и за време на престој како во јавни така и во приватни предучилишни установи потребно е да се достави потврда за вакцинален статус на детето обезбедена од вакцинален пункт, но со оглед на тоа што законската регулатива не е докрај прецизна дека детето мора да ги има примено сите вакцини согласно Календарот за имунизација, може да биде примено и да посетува детска градинка и со некомплетен вакцинален статус. Инспекциски надзор се врши најмалку еднаш годишно. Доколку се констатирани недостатоци и е издадено решение, се врши и контролен надзор. ДСЗИ нема изречено казни за овој тип на правни субјекти, ниту има надлежност да издава и одзема лиценци. Лиценци издава/одзема Министерството за труд“, ни рече Лазов.
Здравствените власти изминативе години често апелираат за редовна вакцинација, поради падот на стапката на имунизација, поради која се вратија заразни болести како морбили и голема кашлица. На 29 април, на одбележувањето на Европската недела на имунизација во Скопје, проф. д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација, рече дека опфатот со МРП вакцина во скопските општини Аеродром, Карпош и Центар е под 60-70 отсто, што доведува во висок ризик од појава на епидемија со морбили.
„Ниеден родител не треба да се соочи со болест како што се пертусис и морбили, болести што на оваа територија кај нас ги имавме последните неколку години, токму поради намалување на опфатот за овие две вакцини“, рече проф. д-р Грозданова.
Таа апелира родители да се советуваат со здравствени работници, педијатри, фамилијарни доктори, во однос на заштитата што оваа вакцина ја обезбедува.
„Имаме неколку скопски општини, најурбаните – Центар, Карпош и Аеродром, каде опфатот со оваа вакцина навистина ни е многу низок, под 60-70 отсто, тоа што е важно да се знае и тоа нѐ доведува во висок ризик од појава на повторно епидемија со морбили. Имаме општини во внатрешноста, па и некои скопски, каде што имаме и над 90 проценти со истата вакцина. Што значи дека родителите генерално имаат доверба во вакцинацијата, во системот но, најверојатно, влијанието на социјалните мрежи, на неточните информации, дезинформациите, доведуваат до тоа голем дел од родителите да бидат во заблуда“, кажа националната координаторка Грозданова.
Според претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, земјава е сѐ уште далеку од колективен имунитет, со национална покриеност со МРП вакцина од само 72,7 отсто во 2024 година, што е пад во споредба со 73,4 проценти во 2023 година.
П. ПЕЧКОВ