На 10 месеци пред истекот на мандатот како шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, несоодветно и неуставно е премиер и лидер на опозицијата да ја менуваат, смета премиерот Зоран Заев.
„Десет месеци пред истекот на мандатот на шефицата за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, Зоран Заев и Христијан Мицкоски да ја менуваат и да наместат нов шеф по желба на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па кој ќе ги зел само предметите на СЈО кои се со истраги и обвиненија против функционери на ВМРО-ДПМНЕ, е навистина несоодветно и недозволиво ни по закон, ни по Устав“, рече премиерот Зоран Заев во Владата, одговарајќи на новинарски прашања за исходот од синоќешните преговори со Христијан Мицкоски, кои се претвориле, како што потврди и Заев, во навлегување и мешање во истраги и обвиненија.
- МИЦКОСКИ БАРАШЕ ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО ДА ДОЈДАТ ПОД НИВНА КОНТРОЛА ЗА КОНЕЧНО ДА ГИ ЗАПРАТ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА
- ОБВИНИТЕЛИТЕ ОД СЈО СЕ ВРАЌААТ ОД КАДЕ ШТО ДОШЛЕ, СЕКОЈ ОД НИВ МОЖЕ ДА ВОДИ ДА ПРЕДМЕТИ, ВЕЛИ ЗАЕВ
Тој и министерката за правда Рената Дескоска не дозволиле да се менуваат обвинители по политичка желба, бидејќи не се Совет на јавни обвинители туку се само извршна власт и најголема опозициона партија.
„Не им се допаѓала Вилма Рускоска. Па таа беше заменик на (шефицата на Скопското обвинителство, н.з.) Гордана Ѓешковска во време на ВМРО-ДПМНЕ. Ме прашал мене дали ми се допаѓа тоа? Не. Рускоска во моментов води сериозни истраги и застапува обвиненија, меѓу кои се и ‘Рекет’ и тоа за организаторите на 27 април и треба да остане посветена на своите предмети“, рече Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА