Апелациониот суд Скопје вели дека недоличното однесување на шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, која синоќа му испратила заканувачка смс порака на еден од судиите во тричлениот совет што ја пушти Катица Јанева во куќен притвор, е кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители и за тоа писмено се известени надлежните институции. Според соопштението на Апелациониот суд, Русковска му пишала на судијата:
„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.“
Од Скопска апелација сметаат дека токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката.
„Апелациониот суд Скопје смета дека ваквото однесување на јавен обвинител претставува искористување на позицијата на јавен обвинител и обид преку јавен настап да се наметне постоење на елементи на корупција во постапувањето на Кривичниот совет и да се изрази неосновано и паушално сомневање во поглед на правилноста и законитоста на одлуката на Кривичниот совет за определување на мерка куќен притвор која по својата законска поставеност и правна природа е мерка која после мерката притвор, претставува најстрога мерка за обезбедување присуство на обвинетите во кривичната постапка. Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители“, се вели во соопштението на Апелациониот суд Скопје по денешниот колегиум свикан по заканите на Русковска, на кој присуствуваа и членови на Судскиот совет.
Здружението на судии застана во целост зад соопштението на Апелациониот суд Скопје и oстро ги осуди ваквите напади врз судиите, повикувајќи да престанат притисоците врз судиите при носењето на слободни судски одлуки што е загарантирано со Уставот и е гаранција за владеење на правото.
С. К. ДЕЛЕВСКА