Жителите на виничкото село Блатец повторно се мобилизираат против изградбата на мини хидроцентрала на реката Блатешница, стравувајќи дека ќе останат без селскиот водовод, единствениот извор на вода за пиење и за наводнување. По протестите и блокадите на крајот на 2022 година, кога тогашните концесионери се откажаа од проектот, жителите веруваа дека опасноста е надмината. Но, според нив, затишјето било само привремено.
„По цели 3,5 години, деновиве над 1.100 жители од нашето село повторно сме сериозно загрижени и пак сме приморани да го браниме својот селски водовод, кој за нас живот значи, од луѓе кои заради личен профит со сите сили се обидуваат да ја градат минихидроцентралата“, велат жителите на Блатец.
Месната заедница прогласила вонредна состојба и веќе трет ден е во постојано заседание, разгледувајќи мерки како да се спречат активностите на градежниците кои, според мештаните, се појавиле без никакво претходно известување. Како и пред три и пол години, повторно се воведени ноќни и целодневни стражи. Жителите реагираат откако, како што тврдат, пред два дена била отстранета рампата што води кон реката и кон водоснабдителните објекти сместени во подножјето на Плачковица, каде нема други населени места.
„И тогаш, и сега, целото село одлучи по цена и на живот да го брани својот водовод. Блатец повторно е претворен во општ граѓански отпор, кој започна уште во 2022 година, кога дојдоа луѓе да вршат геодетски мерења по трасата на локалната река, каде минува и селскиот водовод“, вели членот на Месната заедница, Баже Анакиевски.
Жителите тврдат дека ниту селото, ниту Виница биле официјално информирани за каква било концесија или инвестиција.
„И тогаш и сега, никој не знае што точно се случува. Наводно концесионерот имал документи за градба, но никој во селото, па ни во Општина Виница, не знаеше за тоа. Тогаш инвеститорите беа од Штип, сега наводно се од Кочани. Целата инвестиција е ујдурма“, велат мештаните.
Особено револтирани се помладите жители, кои најавуваат и радикални мерки.
„Некој сака и ние што сме тука да се иселиме и да заминеме во странство. Е, нема да дозволиме“, велат младите од Блатец.
Во име на Месната заедница, веќе се испратени известувања до надлежните институции, медиумите, како и до меѓународни организации и дипломатски претставништва, со барање да се спречат, како што велат, кршењата на основните човекови права.
„Синоќа одржавме проширен состанок на Месната заедница, кој всушност беше општонароден собир. Сите акламативно побаравме надлежното Министерство за енергетика и Владата да ја поништат концесијата, доколку воопшто постои. До тогаш, жителите со жив штит ќе ги бранат своите одлуки и, ако мора, со радикални мерки ќе ја блокираме изградбата на минихидроцентралата и ќе го браниме нашиот водовод“, изјави Анакиевски.
Т. ЈОВАНОВСКИ



