СЕМЕЈСТВОТО НА 35-ГОДИШНАТА КУМАНОВКА ГО ЧЕКА ВЕШТАЧЕЊЕТО ОД ЕКСХУМАЦИЈАТА КОЕ ТРЕБА ДА ПОКАЖЕ ДАЛИ Е ЖРТВА НА СЕРИСКИОТ УБИЕЦ

    СЕМЕЈСТВОТО НА 35-ГОДИШНАТА КУМАНОВКА ГО ЧЕКА ВЕШТАЧЕЊЕТО ОД ЕКСХУМАЦИЈАТА КОЕ ТРЕБА ДА ПОКАЖЕ ДАЛИ Е ЖРТВА НА СЕРИСКИОТ УБИЕЦТаткото Зоран Маринковски вели дека Марија се познавала со осомничениот Т. Б. и порано се жалела дека ѝ додевал и ја следел, поради што го пријавувале во полиција. (Фото: СДК.МК)

    Родителите на Марија Маринковска (35) од Куманово, која беше ексхумирна за да се утврди причината за нејзината смрт, уште ги чекаат резултатите од обдукцијата за да дознаат што точно се случило ноќта кога починала нивната ќерка. Откопувањето на телото уследи откако во селото Челопек беше пронајдена мртва 78-годишна жена, а Основното јавно обвинителство Куманово започна истрага за да утврди дали осомичениот Т. Б. (25) од селото Малотино е поврзан со други случаи на убиства, а не само со последното за кое е приведен.

    Таткото Зоран Маринковски (62) вели дека Марија се познавала со Т. Б. и порано се жалела дека ѝ додевал и ја следел, поради што го пријавувале во полиција.

    „Доаѓаше полицијата и оттогаш немаше повеќе проблеми. Јас не знам, ниту можам да нагаѓам дали тој ја убил или не. Истрагата ќе докаже. Докторите кажаа дека починала од природна смрт. Јас сакам правдината да излезе на виделина. Ние сме сиромашни луѓе, немаме можност сами да ја истераме“, вели Маринковски.

    Тој кажува дека Марија последен пат ја виделе на прославата на Божиќ, но постојано се слушале на телефон. Така било и вечерта на 17 јануари, кога поради гласната музика не се разбрале баш најдобро, но им кажала дека е сама дома. Веќе на 18 јануари не можеле да ја добијат, па им станало чудно зошто не се јавува. Побарале од комшивката да отиде до кај неа види да не се успала. Но таа ја нашла почината.

    „Била покриена со јамболија преку главата. Знам дека на времето Т. Б. ѝ додевал и таа го гаѓала со камење. Нејзе ѝ беше страв ноќе, затоа што некој постојано ѝ чукал на врата. Викаше дека се криела зад врата. Што се случило таа ноќ не знам“, вели мајката Магдалена.

    Марија е најстара ќерка од петте деца на семејството Маринковски, кое живее во сиромаштија во распадната куќа и супстандардни услови во Куманово, а имаат и сериозни здравствени проблеми. Марија веќе 12 години живеела во куќата на нејзиниот вујко во Старо Нагоричане, обработувала земја, а повремено работеле и кај семејството на Т. Б., помагала во чувањето на стадото. Таа завршила специјално средно земјоделско училиште во Штип, а потоа се преселила во селото. Семејството тврди дека не биле во врска со осмничениот за убиство како што се шпекулира, а таа во последно време и не пиела алкохол.

    Што точно се случило критичната ноќ со Марија, како и со останатите жртви, ќе треба да се докаже во судската постапка. На семејствата, на Марија и на 78-годишната Мира С. адвокат е Александар Симоновски од Куманово, кој вели дека уште го чека вештачењето од ексхумација на помладата жртва, кое треба да ги утврди причините, механизмот и околностите како се извршени повредите, за целосни расветлување на случајот.

    Во однос на пропустите, за помладата жртва е констатирано е дека починала од природна смрт, но сега со вештачењето се покажува дека имала повреди“, вели адвокатот Симоновски. (Фото: СДК.МК)

    Тој вели дека има многу шпекулации во јавноста околу овој случај, знае дека сторителот порано бил пријавуван во полиција за тешка кражба, каде што му било вршено вештачење за психичката состојба.

    „За двата случаи кои јас ги водам, и уште едно за обид за убиство, има докази дека тој е сторител на делата. Имам информации кои не можам да ги споделам, но се истражува дали обвинетиот сам ги вршел делата или некој му помагал и бил соизвршител. Има одземени и некои предмети. Во однос на пропустите, за помладата жртва е констатирано е дека починала од природна смрт, но сега со вештачењето се покажува дека имала повреди“, додава Симоновски.

    Т. Б. е осомничен дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари, на точно неутврден датум, во селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, со умисла и на свиреп и подмолен начин ја убил 78-годишна М. С.

    „Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Откако влегол во нејзината куќа, додека таа спиела на креветот, осомничениот физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ повеќе удари со кои ѝ нанел тешки телесни повреди, од кои жената починала“, соопштија од Основоното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово.

    Поради сличностите во однос на изборот на жртвите и суровиот начин на извршување на делото, се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител.

    Од Т. Б. била нападната и 83-годишната Слободанка Арсовска од Куманово, која благодарение на својата храброст и присебност, успеала да се спаси. Тој на 22 јули 2025, околу еден часот по полноќ, влегол преку прозорецот од купатилото, откако ја скинал заштитната мрежа, и почнал да ја дави. Ја спасило тоа што почнала да вика по својот син да ѝ помогне, иако тој не бил во куќата, но напаѓачот се исплашил и побегнал. Тој бил посочен од семејството, но не бил затворен, па во меѓувреме ги извршил убиствата на двете жени.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира