Има повеќе корисни од штетни инсекти, но понекогаш малите инсекти кои скоро и да не ги забележуваме можат да бидат поопасни во шумата од големите животни кои живеат во неа, вели м-р Благој Шурбевски, шумарски инженер, ентомолог (проучувач на инсекти) и асистент на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Токму преку инсектите шумата праќа пораки дали е здрава или болна. Како едни од најштетните се поткорниците и боровиот четник, кои можат да предизвикаат сушење на цели борови шуми.
„Секој џин има своја слаба точка, така и дрвјата кои ги гледаме како џинови имаат слаба точка. Тоа се спроводните садови сместени плитко под кората. Поткорниците живеат под кората, се хранат, им ги пресекуваат спроводните садови и дрвото не може да транспортира хранливи материи. Стеблото се суши и изумира, на некој начин ги докрајчуваат“, вели Шурбевски.
Боровиот четник може да нанесе екстремни штети, цели шуми да останат без ниедна борова игличка. Неговите гасенички се хранат со големи количини иглички. Шурбевски нагласува дека навистина е чудно како може еден толку ситен инсект да изеде толку многу храна. Дури неколкупати може да ја зголеми својата тежина од излегувањето на јајцето до закуклувањето.
„Тоа е инсект кој го проучувам, но се плашам да го допирам, мора да сме екстремно внимателни. Предизвикува сериозна кожна инфекција. Влакненцата на гасениците лесно се кршат, содржат силен токсин, кој во допир со кожата на луѓето и животните предизвикува сериозна реакција. Ако навлезе во очите, ушите, носот, многу е непријатно“, вели Шурбевски.
Климатските промени ја зголемуваат популацијата на одредени инсекти, а го намалуваат биодиверзитетот. Топлото време прави генерацијата на штркелите (коњски муви) подолго да трае, а тие со намалувањето на сточниот фонд, почнаа да се хранат од човекот.
Најмногу луѓе на годишно ниво во светот убива комарецот, околу 70.000 или илјадници повеќе од нилскиот коњ, кој е на второто место со стотина убиени.
Сепак, во природата има повеќе корисни инсекти од штетни. Но, често со урбанизацијата или од човекот се ништат, мислејќи дека се штетни.
„Бубамарата е феноменален регулатор на лисните вошки, но луѓето не препознавајќи ги нејзините ларви, ги ништат со инсектициди. Лебдечките или осолики муви ги убиваат мислејќи дека се оси, а тие се многу корисни опрашувачи. Изретчени се и светулките, кои поради вештачката светлина не можат да најдат партнер и да се размножуваат.
„Шумата ни праќа пораки преку инсектите, ние само треба да бидеме едуцирани и будни шумари за да ја заштитиме“, вели м-р Шурбевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



