СИНДИКАТИТЕ НА ПРОТЕСТ ПОБАРАА МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА И НАЈАВИЈА 24-ЧАСОВЕН ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК

    СИНДИКАТИТЕ НА ПРОТЕСТ ПОБАРАА МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА И НАЈАВИЈА 24-ЧАСОВЕН ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈКПротестот започна пред Работничкиот дом и заврши пред зградата на Владата. (Фото: СДК.МК)

    Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска организираше нов протест со кој побара минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати линеарно да пораснат за 100 евра. Од синдикатот велат дека работниците не се согласуваат со законското усогласување на минималецот од околу 1.600 денари, туку бараат достојни примања кои веќе ги заработиле.

    Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на протестот кој започна пред Работничкиот дом и заврши пред зградата на Владата, изјави дека во државата има 160.000 работници кои примаат плата под прагот на сиромаштија. Тој вели дека зголемувањето на минималната плата е неопходно во услови кога трошоците за живот постојано растат, а голем број граѓани едвај ги покриваат основните потреби.

    Синдикалците велат дека зголемувањето на минималната плата е неопходно во услови кога трошоците за живот постојано растат. (Фото: СДК.МК)

    Синдикатот го отфрла законското усогласување од 1.667 денари со аргумент дека само во последните два месеца вредноста на синдикалната минимална кошница пораснала за 2.000 денари. Според Трендафилов, предвиденото усогласување не го покрива ниту растот на основните трошоци за живот.

    Тој изјави дека и покрај притисоците и заканите со кои се соочиле дел од работниците за да не излезат на протестот, синдикалната борба ќе продолжи на улица додека не се исполнат барањата. По денешниот протест, ССМ останува на најавата за организирање 24-часовен генерален штрајк, кој овој пат ќе го опфати и приватниот сектор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира