СИТЕ ДОГОВОРЕНИ ЗАКОНИ МОРА ДА СЕ ДОНЕСАТ ПРЕД ДА СЕ РАСПУШТИ СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ СПАСОВСКИ

    СИТЕ ДОГОВОРЕНИ ЗАКОНИ МОРА ДА СЕ ДОНЕСАТ ПРЕД ДА СЕ РАСПУШТИ СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ СПАСОВСКИПретседателот на Собранието Талат Џафери синоќа ја закажа седницата за распуштање на Собранието за в недела, а за денеска закажа седница за Законот за ЈО. - Техничкиот премиер Оливер Спасовски (Фото: Влада)

    Техничкиот премиер Оливер Спсовски кажа дека ставот на неговата партија СДСМ е дека сите законски решенија за кои што се договорени, како Законот за Јавно обвинителство, мора да се донесат пред да се распушти Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа ја закажа седницата за распуштање на Собранието за в недела, а за денеска закажа седница за Законот за ЈО.

    „За гласањето за распуштање на Собранието, јасен е ставот на СДСМ. Сите законски решенија за кои што сме договорени и кои што се важни за иднината на оваа држава мора да бидат донесесени пред распуштањето на Собранието и после ќе го распуштиме веднаш“, изјави утринава Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање за време посетата на студентскиот дом „Гоце Делчев“, каде што беше заедно со министерот за образование, Арбр Адеми од ДУИ.

    Спасовски не сакаше да зборува за формирање евентуално ново парламентарно мнозиство, бидејќи тој е убеден дека ќе се испочитува договореното, ќе бидат усвоени законските решенија и ќе се оди на избори. Предвремените парламентарни избори на 12 април беа договорени на лидерска средба во октомври, откако земјата не доби датум за почеток на преговорите за членство со ЕУ.

    Синоќа, генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на Фејсбук напиша дека „доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено Законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи…, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори“.

    На статусот на Николовски веднаш одговори собранискиот спикер Талат Џафери, кој предложи денеска да се одржи лидерска средба, велејќи дека ако имаат потреба да создадат друго мнозинство, во текот на утрешниот ден да имаат состанок согласно Пржино и уште еднаш да ја потврдат желбата за избори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира