Скопјанецот Зоран Настески кој живее во Англија го соборил на земја патникот кој на летот на „Изиџет“ од Лондон Лутон до Глазгов се заканувал дека има бомба и извикувал „Смрт за Америка, смрт за Трамп“ и „Алаху акбар“ и го држел до слетување, каде што го привела шкотската полиција.
Индискиот јутјуб канал НДТВ објави видео од Настески како соборува на под патник додека вика дека во авионот има бомба и го навредува американскиот претседател Доналд Трамп. Видеото, Настевски го објави и на својот јутјуб канал.

Видеото како Настески го држи Индиецот на подот од авионот стана вирално на социјалните мрежи (Фото: Принтскрин)
„Вчера утрото (27 јули) заминав на одмор во Глазгов, и десетина минути пред да слета авинот, покрај мене помина човек кој во рацете држеше кафе и телефон. Прво се исплашив дека ќе ме попари со жешко кафе, па се тргнав настрана. Потоа, почна да вика дека тој има бомба и ќе го собори авионот за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна. Патниците се исплашија, особено децата кои почнаа да врескаат, а се исплаши и екипажот. Јасно ми беше дека лажно се заканува и сакав да ги заштитам патниците. Станав, го соборив на земја, му го земав телефонот, и му ги држев рацете сѐ до слетувањето. Потоа, ми помогна уште еден патник, Англичанец, кој го држеше заедно со мене“, ни рече Настески во телефонски разговор од Глазгов.

По десет години работа во Англија, скопјанецот Зоран Настески за неколку недели ќе се сели во Србија (Фото: Фејсбук)
Кога слетале на аеродромот во Глазгов, на пистата дошле пожарникари и полиција и го уапсиле 41-годишниот патник кој се заканувал. Случката ја снимала една од жените во авионот, а Настески побарал да му ја испрати. Откако стана вирална на социјалните мрежи, ја објави индискиот јутјуб канал.
За неколку недели, по десет години работа во Англија, Зоран Настески кој по татко е Македонец, а по мајка Србин ќе се сели во Србија со партнерката.
М. ЏАРОВСКА