Воздухот во Скопје мириса на изгорена гума, а граѓани споделуваат фотографии од кои се гледа дека густ чад има над градот. Според последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни пожари има на депонијата „Дрисла“ во Општина Студеничани и кај селото Булачани во Општина Гази Баба каде гори нискостеблеста деградирана и дабова шума. Пожарот во дивата депонијата „Вардариште“ е изгасен.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) засега нема повеќе информации за состојбата во Скопје. Вчера, директорот на ДЗС Стојанче Ангелов рече дека постојат сомненија оти пожарот е предизвикан намерно.
Нема информации ниту предупредувања ни од Град Скопје ни градоначалничката Данела Арсовска, ни од здравствените власти, ниту од Министерството за заштита на животната средина. Нема ниту информации за квалитетот на воздухот од мерните станици.
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека за да дадат препораки за населението по однос на загадувањето на воздухот изминатиов период, мора да добијат извештаи од инспекциските служби на Град Скопје. Досега нити добиле некакво известување, нити некој ги контактирал од Град Скопје.
„Ние немаме мерни станици, нити сме надлежни за мерењето на загадувањето на воздухот. Додека не добиеме известување од инспекциски служби, не можеме паушално да дадеме препораки“, вели директорката на ИЈЗ, д-р Марија Андоновска.
Пожарот на депонијата „Дрисла“ во Скопје е активен од вчера.
„Пожарот што избувна на 09.09.2025 година, во 15:15 часот, на депонијата ‘Дрисла’ сè уште е активен. Во централниот дел на депонијата гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува и во пошироката околина. Во гаснењето на пожарот интервенираат 7 пожарникари со 2 противпожарни возила од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Според моменталната состојба, пожарот не се шири и не претставува закана за околната шума, населба или населено место“, соопшти денеска ЦУК.
Вчера, дополнително бил испратен и еден „ер-трактор“ за да помогне во гаснењето и да спречи евентуално прелевање на пожарот кон боровата шума и викенд-населбата. Од ЦУК подоцна вчера кажаа дека дејствувањето од воздух се покажало опасно зашто искри може да го рашират пожарот, па „ер-тракторот“ е повлечен.
„Направени се противпожарни појаси за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата. Нема опасност од излегување на огнот надвор од депонијата. Гаснењето е во тек. Постојат сомненија дека пожарот е предизвикан намерно“, изјави вчера директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
ЦУК кажа дека до 7 часот на територијата на Македонија има вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои активни се 4 пожари, под контрола се 2, и изгаснати се 23 пожари. Освен во Скопје, активни се пожарите кај селото Татеши и населбата Елен Камен во општина Струга. Под контрола се пожарите во општините Берово и Струмица. Кај село Русиново, опожарени се дабова, букова шума и папрат. Во село Куклиш опожарена е депонија.
Б. НЕСТОРОСКА