Ексминистерката за одбрана и пратеничка од СДСМ Славјанка Петровска побара од претседателот на собраниската Комисија за следење на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање да закаже седница на која ќе го викне директорот на АНБ Бојан Христовски да одговори каде бил на денот на полагањето ТОЕФЛ тест за англиски јазик во Пловдив, но и на други прашања поврзани со скандалозните помилувања на членови на подземјето.
„Имаме многу прашања кои се од значење за иднината на државата, кои во интерес на јавноста сакаме јавно да ги поставиме и да добиеме одговори. Едно од тие прашање е добиено од свиркачи, вработени во безбедносно-разузнавачката заедица, и е следно: каде бил Бојан Христовски на денот на полагањето? Каде престојувал, неколку дена пред датумот на полагањето. Но, и многу други поврзани со неговите сегашни активности во Агенцијата. Како на пример, што тој знае за скандалозните помилувања? Сите граѓани на Република Северна Македонија имаат право да ја знаат вистината. Токму затоа, денес поднесовме иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР за свикување седница на која ќе биде поканет директорот на АНБ и ќе даде одговор на овие, но и други прашања“, кажа Петровска на денешната прес-конференција.
Таа е членка на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, чиј претседател е Скендер Реџепи од Коалицијата Европски фронт.
Христовски во официјалната биографија навел дека на 26 март 2022 зел ТОЕФЛ-сертификат за англиски од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. На 9 октомври годинава, две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор бидејќи кога конкурирале за функцијата како доказ за познавање на англиски јазик приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од истата компанија издаден во ноември и декември 2022. На обвинението му претходеле кривични пријави од МВР поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Употреба на исправа со невистинита содржина, поднесени на 14 февруари, во периодот кога со овој ресор раководи Панче Тошковски како технички министер.
Петровска смета дека именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност под сомнителни околности и со сомнителен сертификат за познавање на англиски јазик е најголемиот срам и понижување на државата и на професионалците кои животот и работниот век го посветија во безбедносно-разузнавачката заедница.
„Од сите професионалци кои ја градеа оваа заедница, ДПМНЕ го одбра тренерот по кик бокс за директор и нè почестија со фалсификуван сертификат. Агенцијата за национална безбедност денес не е истата онаа од времето на Горан Грујоски и на Сашо Мијалков, денес оваа Агенција има углед во НАТО-безбедносно-разузнавачката заедница и е вклучена во активности и проекти од стратешки интерес за државата, но и во НАТО-приоритетите. Но, очигледно дека ДПМНЕ дава сè од себе овој углед да го уништи и да го врати како во времето на фамилијата“, предупреди Петровска и побара оваа седница да биде отворена за јавност за да може граѓаните да бидат сведоци на поставените прашања и на дадените одговори.
„Од таа седница јавноста ќе може да се увери дека после оставката на членовите на Комисијата за помилување, кои беа наместени од структури на ДПМНЕ, треба да следи уште една оставка, овојпат во интерес на државата, а не на партијата на власт“, кажа Петровска.
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ГО ИСТРАЖИ БУГАРСКОТО УВЕРЕНИЕ ЗА АНГЛИСКИ ЈАЗИК НА ДИРЕКТОРОТ НА АНБ ХРИСТОВСКИ И АКО Е ЛАЖНО, ЌЕ ПОБАРА СОРАБОТКА ОД БУГАРСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО СО МЕЃУНАРОДНА ПРАВНА ПОМОШ
- ДВЕ ДИРЕКТОРКИ ОСУДЕНИ НА УСЛОВНИ КАЗНИ ЗАТВОР ЗА ЛАЖНИ СЕРТИФИКАТИ ОД БУГАРСКАТА ФИРМА ОД КОЈА И ДИРЕКТОРОТ НА АНБ ХРИСТОВСКИ ЗЕЛ СЕРТИФИКАТ ЗА АНГЛИСКИ
Откако бугарски новинари открија дека новиот директор на АНБ Бојан Христовски зел фалсификувано уверение за положен англиски јазик од непостоечка институција за тестирање ТОЕФЛ во Пловдив, власта се обиде скандалот да го разводени преку Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) позната по тоа дека блиски луѓе на премиерот Христијан Мицкоски ги испитува цели три месеци и подолго. Обвинителството, пак, се обиде да купи време преку Антикорупциската комисија, и рече дека ќе покрене истрага кога ќе заврши случајот во ДКСК. Но бранувањето со наводната фалсификат-диплома не престанува и покрај инертноста на ДКСК и на Обвинителството за овој сериозен случај.
Денеска, во реакција за случајот, ДКСК соопшти дека постапува во рамките на своите законски овластувања и надлежности, насочени кон проверка на можни судири на интереси, интегритет и транспарентност во постапките за именувања на раководни функции.
„ДКСК е независен орган со точно утврдени надлежности и во своето работење се води исклучиво од потребата за законито и транспарентно функционирање на институциите. Информациите во јавноста за дуализам во постапувањето помеѓу ДКСК и ОЈО не соодветствуваат со реалноста, бидејќи двете институции имаат различни функции и институционална поставеност. ДКСК исто така истакнува дека нејзиното постапување во ниту еден случај не ги запира постапувањата на останатите надлежни институции од спроведување на надлежностите. Одредени обиди за прикажување на постапувањето на ДКСК како причина за одложување или неактивност на други институции, сметаме дека не се оправдани и може да внесат погрешни перцепции кај јавноста“, соопшти денеска Антикорупциската комисија, укажувајќи дека нејзината работа не ги заменува ниту ги одложува обврските на другите надлежни органи.
„Напротив, ДКСК ги поттикнува сите надлежни институции, да ги извршуваат должности во согласност со законските надлежности. ДКСК постапува во рамките на роковите утврдени со закон и тие рокови го диктираат постапувањето на ДКСК, обезбедувајќи така систематичен и транспарентен пристап во проверките“, велат од ДКСК.
С. К. ДЕЛЕВСКА