Собранието на пратеничките ќе им плаќа приватен преглед мамографија на дојки, во ситуација кога со месеци жените се обидуваат да закажат мамографија во јавното здравство, бидејќи термини нема.
Приватниот преглед со мамографија во Македонија чини од 3.000 до 5.000 денари.
Пакетот е додаден на основниот за систематски преглед на пратениците и на вработените во Собранието. Услугата приватен преглед Мамографија на гради ќе ја користат и службеничките во Собранието и вработените жени во кабинетот на претседателот.
Ако веќе се плаќаат приватни прегледи на пратениците со буџетски средства, нејасно е зошто не се поставува од собраниската говорница како проблем прашањето зошто толку тешко се закажува преглед со мамографија во јавното здравство, зошто во Македонија толку се заболува и умира од рак на дојка, зошто е толкава смртноста.
Одлуката за најповолна понуда со приватна здравствена установа од Скопје е донесена во март.
Буџетарите сѐ почесто бегаат од јавното здравство и со пари собрани од граѓаните си го плаќаат приватното здравствено осигурување. Дури и директорите на еден од најголемите државни загубари АД за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), во државна сопственост – Скопје, си купиле пакет. Набавката се вика: „ЛOT 10 Дополнително приватно здравствено осигурување на вработени во АД ЕСМ“.
Државна видеолотарија на Република Македонија, исто така, има склучено договор за „Набавка на услуги за доброволно приватно здравствено осигурување за период од 2(две) осигурителни години“, па да не чекаат термини, ќе си се прегледуваат на приватно, а тоа ќе го плати државата.
Приватно здравствено осигурување имаат и вработените во Народна Банка. Менаџментот и вработените од Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје се со приватно здравствено осигурување кое не го плаќаат од свој џеб, туку е со пари на државата, односно на граѓаните кои се потешко доаѓаат до здравствени услуги во секундарното и особено во терцијалното здравство, во клиничките болници.
Приватно здравствено осигурување си купиле и професорите од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кои земаат плата од Буџетот. И тие избрале осигурителна компанија за приватно здравствено осигурување.
С. К. ДЕЛЕВСКА



