СПОРОТ ЗА ИМЕТО СО ГРЦИЈА ОФИЦИЈАЛНО ЗАВРШИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

    СПОРОТ ЗА ИМЕТО СО ГРЦИЈА ОФИЦИЈАЛНО ЗАВРШИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ„Долги години разрешувајќи ги овие проблеми резултираше со спогодба која е спроведлива, и која може да служи како пример за ЕУ и за светот дека двајца соседи можат да решат проблем ако се заложат за тоа“, рече посредникот на ОН Метју Нимиц при потпишувањето на Договорот од Преспа. Нимиц беше посредник во спорот за името од 1999. (Фото: СДК.МК)

    Вчера беше доставено заедничкото писмо до Генералниот секретар на ОН, со кое се информира Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на Конечната спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу Македонија и Грција, велат од Министерството за надворешни работи. Вербалните ноти до Секретаријатот на ОН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ОН, како и сите останите меѓународни организации чија членка е земјава, ќе бидат испратени во најкус можен рок, тој процес е во тек, велат од МНР.

    Договорот од Преспа со кој е реши спорот за името, насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“, го потпишаа министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров на 17 јуни 2018 во преспанското село Псарадес (Нивици). Со овој договор името на земјава е Република Северна Македонија, со македонска нација и македонски јазик.

    Преговорите за името под покровителство на ОН се водеа од 1993, а Привремената спогодба беше потпишана 1995 кога специјален пратеник на ОН беше Сајрус Венс. Него го замени Метју Нимиц во 1999, и беше присутен на потпишувањето на Договорот од Преспа. Токму на денот на потпишувањето, 17 јуни, Нимиц го прослави 79. роденден.

    Грчкиот парламент на 8 февруари го ратификуваше Пристапниот протокол за Македонија да му се приклучи на НАТО, со 153 гласа „за“ и 140 гласа „против“. Пристапниот протокол сега треба да биде ратификуван и од останатите 28 земји членки на Алијансата, по што Македонија со новото име Република Северна Македонија ќе стане 30. членка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира