СТРУЧНА КОМИСИЈА ТЕРАЛА ЦЕЛОСНО СЛЕПО ЛИЦЕ ДА ИМ ДОКАЖУВА СЕКОЈА ГОДИНА СЛЕПИЛО И МУ ЈА НАМАЛИЛА ПОМОШТА, УТВРДЕНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ОД СТРАНА НА ТРОЈЦА ЛЕКАРИ

    СТРУЧНА КОМИСИЈА ТЕРАЛА ЦЕЛОСНО СЛЕПО ЛИЦЕ ДА ИМ ДОКАЖУВА СЕКОЈА ГОДИНА СЛЕПИЛО И МУ ЈА НАМАЛИЛА ПОМОШТА, УТВРДЕНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ОД СТРАНА НА ТРОЈЦА ЛЕКАРИЧовекот се чувствува дискриминиран зашто за разлика од него, целосно слеп, а дијагнозата ја докажува секоја година, други лица со иста дијагноза, меѓу кои и неговата сопруга, остваруваат право на месечна помош и повеќе од 30 години, без да бидат упатувани на контролни прегледи. (архивска фотографија)

    Стручната комисија за давање оцена, наод и мислење за потребата од помош и нега од друго лице во една здравствена установа во Скопје, терала целосно слепо лице да го прегледува повеќепати, иако станува збор за трајна состојба. Покрај тоа што го малтретирале да доаѓа кај нив повеќепати на прегледи, му ја намалиле и паричната помош од 6.342 на 5.610 денари.

    Измалтретираното слепо лице случајот го пријавил во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на 12 јуни, а таа веќе во септември донела мислење со кое утврдува директна дискриминација од страна на тројца лекари специјалисти, членови на Стручната комисија која го предложила намалувањето на месечната помош за човекот.

    Оваа дискриминација е сторена врз основа на попреченост во областа на социјалната сигурност, вели КСЗД.

    Тројцата специјалисти му доделиле туѓа нега од помал обем, место туѓата нега од поголем обем што ја имал претходно согласно слепилото за кое лек нема. Човекот се чувствува дискриминиран зашто за разлика од него, целосно слеп, а дијагнозата ја докажува секоја година, други лица со иста дијагноза, меѓу кои и неговата сопруга, остваруваат право на месечна помош и повеќе од 30 години, без да бидат упатувани на контролни прегледи. Слепило на двете очи е трајна и непроменлива состојба и за неа има постојана потреба од помош и нега од друго лице, во поголем обем.

    Член 49 од Законот за здравствена заштита вели дека потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем има потполно слепо лице, бидејќи не може само да ги задоволува основните активности од секојдневниот живот, не може ниту со помош на ортопедски помагала самостојно да се движи во станот или надвор од станот, не може самостојно да се храни, облекува, да ја одржува личната хигиена, ниту да ги врши основните физиолошки потреби.

    КСЗД донесе препорака Јавната здравствена установа преку надлежната Стручна комисија за давање наод, оценка и мислење да изврши повторна проценка за дискримираното слепо лице, овојпат согласно Законот за здравствена заштита. Комисијата за дискриминација препорача при повторната проценка Стручната комисија да ја преиспита и потребата од определување повторен контролен преглед, имајќи го предвид трајниот и непроменлив карактер на здравствената состојба на подносителот на претставката.

    Не се кратат средства само кај слепите и други лица со трајна попреченост. Државата со административните малтретирања што ги воведува во последно време, ги тера тешко болните лица да се откажат на пример од помошта за туѓа нега и мобилност. Откако тие болни се појавуваа пред стручна комисија, натаму решението за одобрена помош беше автоматски праќано до Центрите за социјална работа. Или, го носеа нивни (подвижни и здрави) роднини и членови на семејството.

    Последниве две години тешкоболни граѓани се жалат дека морало лично тие да го носат решението.

    Затоа во институциите за заштита на човековите права, како што е и Народниот правобранител, во последно време се жалат граѓани, а пишуваат и претставки за тоа дека мора лично конзилијарното мислење, односно одобреното решение за помош да го носат во социјалните центри. Мнозинството од нив се болни и тешкоподвижни, а немаат близок до себе да ги придружува за тие лично да го однесат решението во ЦСР и се откажуваат од месечната помош што им следува со закон.

    Се подготвуваат измени во регулативата за работата на комисиите за туѓа нега и мобилност, кажа на 30 септември министерот за здравство Сашо Клековски.

    Една од клучните промени што се разгледуваат е комисиите директно да имаат пристап до медицинската документација преку системот „Мој Термин“, наместо граѓаните самите да ги собираат документите и да ги носат од институција до институција.

    „Податоците веќе постојат во системот. Треба да патуваат податоците, а не пациентот“, рече  Клековски, но не кажа кога тоа ќе се случи.

    И тој смета дека зад секое барање за туѓа нега или мобилност стои лице со сериозна здравствена состојба и семејство кое се грижи за него, поради што секоја дополнителна потврда и чекање претставуваат дополнителен товар.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира