СУДИЈКАТА КОЈА ВМРО-ДПМНЕ ЈА НАРЕКУВА НОСИТЕЛКА НА НЕПРАВДА, ДОЗВОЛИ ОДНОВО ДА СЕ ПОВИКУВААТ СВЕДОЦИ И ДА СЕ ИЗВЕДУВААТ ДОКАЗИ ВО „ТАЛИР 2“ ЗА БЕЛАТА ПАЛАТА, А СЛУЧАЈОТ ЗАСТАРУВА ВО АВГУСТ

    СУДИЈКАТА КОЈА ВМРО-ДПМНЕ ЈА НАРЕКУВА НОСИТЕЛКА НА НЕПРАВДА, ДОЗВОЛИ ОДНОВО ДА СЕ ПОВИКУВААТ СВЕДОЦИ И ДА СЕ ИЗВЕДУВААТ ДОКАЗИ ВО „ТАЛИР 2“ ЗА БЕЛАТА ПАЛАТА, А СЛУЧАЈОТ ЗАСТАРУВА ВО АВГУСТСлучајот „Талир 2“ апсолутно застарува во август 2026. (Фото: СДК.МК)

    Судијката Даниела Алексовска-Стојановска од Кривичниот суд, против која премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија постојано држат прес-конференции, ја нарекуваат „носителка на неправда“ и бараат од Судскиот совет да ја разреши, денеска им го удоволи барањето на адвокатите на ВМРО-ДПМНЕ одново да се изведуваат докази, одново да се викаат сведоци и вештаци, иако се знае дека случајот „Талир 2“ за незаконското градење на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ застарува целосно во август 2026 година.

    На ова се противи обвинителката Ленче Ристоска, која на Судот му вели дека нема никакви нови околности, ниту нови сведоци ни докази, за да мора одново да се изведува доказната постапка. Но, судијката одлучи да се врати се од нула, што ќе фати многу време и предметот апсолутно ќе застари.

    Судијката денеска не го одмрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ, но го прифати предлогот на обвинителството да може ВМРО-ДПМНЕ да го изнајмува и продава имотот, но да не може да располага со парите од сметката до правосилност на пресудата.

    Обвинителката од ОЈО Скопје Ленче Ристоска, која е и обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда) и ги застапува единствените „живи“ предмети од поранешното СЈО против раководството на ВМРО-ДПМНЕ „Талир 1“ за перење пари и „Талир 2“ во кој е замрзнато седиштето на партијата, денеска во одговор на новинарски прашања, го демантираше премиерот Христијан Мицкоски за упатените клевети против неа.

    Во јуни, три дена откако Ленче Ристоска даде негативно мислење за одмрзнување на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ и на имотот во неа во случајот „Талир 2“, Владата ја повлече кандидатската листа за судии од Македонија во Европскиот суд за човекови слободи и права, каде во последниот филтер кои требаше да одат на интервју во Стразбур, останаа Ристоска, Габриела Гајдова и Јордан Апостолски.

    „Од аспект на мојата плата и платата која јас ја земам, ќе кажам дека се неточни тврдењата на премиерот Мицкоски, дека земам повисока плата. Јас како и сите обвинители од Скопското обвинителство земам плата која што со закон ми е определена и со закон ми следува. И можам да кажам само дека ваквите тврдења кои што се изнесуваат за мене од страна на премиерот, доведени во корелација со листата што не е пратена во Стразбур, ако се земе фактот дека и одредени провладини медиуми шират клеветнички кампањи, сето тоа во одреден контекст не сметам дека е случајно. А дали постои анимозитет или не, тоа ќе треба да си го прашате претседателот на ВМРО-ДПМНЕ“, одговори обвинителката Ристоска по денешното рочиште за „Талир 2“ кое ќе се одржува по вторпат, бидејќи Апелациониот суд Скопје го врати назад.

    По негативната кампања против неа, Ристоска по вторпат не се кандидираше за судија во Стразбур. Со години чека со закон да ѝ се среди статусот обвинителка на Македонија за Европравда, но и таа работа не мрда од место.

    Со измените на Кривичнот законик (КЗ) што ги донесоа СДСМ со помош на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, во „Талир 2“ се спаси генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски, па остана обвинет да биде само избеганиот експремиер Никола Груевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира