Папата Фрањо ќе биде погребан денеска по погребната миса на плоштадот Свети Петар во Ватикан на која присуствуваат претседатели, принцови и уште 200.000 луѓе. Водачот на католичката црква почина на 21 април на 88-годишна возраст, откако претрпе мозочен удар.
Погребната миса на плоштадот Свети Петар е закажана за 10 часот. Околу 40 бездомници, мигранти, затвореници и трансродови лица ќе го пречекаат Фрањо на плоштадот пред базиликата „Санта Марија Маџоре“ во која ќе биде погребан, која е надвор од Ватикан и дом на неговата омилена икона Богородица.
Пристигнаа светските лидери, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп, кому ова му е прво патување во странство во вториот претседателски мандат, не елаборираше кога беше прашан дали само на минување ќе се сретне со лидерите или ќе одржи потемелни разговори. Трамп пристигна со сопругата Меланија. Тој е меѓу над 50 шефови на држави и други великодостојници кои присуствуваат на погребот на папата Фрањо.
Фрањо лани спроведе поедноставување на папските погребни ритуали за да се нагласи улогата на папата како обичен свештеник, а не „моќен човек на овој свет“, соопшти Ватикан. По мисата, верниците ќе се наредат вдолж рутата на погребалната кола која ќе го донесе ковчегот на Фрањо од Ватикан до неговото последно почивалиште во црквата „Санта Марија Маџоре“.
Светските лидери и членовите на кралски семејства седат десно од главниот олтар. Претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон Дер Лејен, унгарскиот премиер Виктор Орбан, италијанската премиер Џорџа Мелони и аргентинскиот претседател Хавиер Милеи имаат почесно место во редоследот на седиштата.
Од Македонија присуствува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Масата народ на погребот накратко аплаудираше за време на проповедта кога кардиналот ја спомна работата на папата Фрањо да им служи на мигрантите и да се залага за нив.
Фрањо, и самиот син на италијански имигранти во Аргентина, ги стави маките на мигрантите и бегалците во срцето на неговата морална агенда за време на неговото 12-годишно папство, лично интервенирајќи да им помогне на барателите на азил и притискајќи ги владите да направат многу повеќе за да помогнат. Тој постојано зборуваше за сиромашните и маргинализираните и ги критикуваше земјите кои ги избегнуваат мигрантите.
Неговото прво патување надвор од Рим откако беше избран за папа во 2013 беше на малиот италијански остров Лампедуза за да им оддаде почит на илјадниците луѓе кои се удавиле во Средоземното Море додека се обидувале да стигнат до Европа и подобар живот. Во 2016 тој го посети грчкиот остров Лезбос и со својот авион донесе десетина сириски бегалци во Италија. Во 2021, тој полета за Кипар и повторно обезбеди безбеден премин за група од 50 баратели на азил.
Покојниот папа постојано ги повикуваше политичките лидери да ги бранат мигрантите, велејќи дека нивната безбедност треба да има предност пред грижите за националната безбедност.
Во 2015 тој стана првиот папа што се обрати пред американскиот Конгрес, каде што потсети на сопственото мигрантско потекло и рече дека е природно луѓето да ги преминуваат границите во потрага по подобри можности за нив и нивните семејства.
„Зарем ова не е она што го сакаме за нашите сопствени деца? рече тој. „Ви го велам ова како син на имигранти, знаејќи дека и многумина од вас потекнуваат од имигранти“.
Во 2016 тој јавно се судри со Доналд Трамп – кој тогаш водеше кампања за неговиот прв мандат во Белата куќа – околу неговите планови да изгради ѕид меѓу САД и Мексико за да ги спречи мигрантите.
„Човек кој размислува само за градење ѕидови, каде и да се, а не за градење мостови, не е христијанин“, им рече Фрањо на новинарите.
Трамп, кој присуствува на погребот на папата, тогаш рече дека е „срамно“ верскиот лидер да ја доведува во прашање верата на една личност. Фрањо повторно беше критичен кога американскиот претседател го започна својот втор мандат, велејќи им на американските бискупи во писмо во февруари дека не се согласува со депортацијата на мигрантите.
Папата се соочи со отпор не само од политичарите, туку понекогаш и од неговата црква со голем број парохии, особено во Источна Европа, незадоволни од неговиот повик до верските заедници да примат бегалци.