УЛИЦА МАКЕДОНИЈА Е ВО МРАК КАЈ ХОТЕЛОТ „БРИСТОЛ“, НА СКВЕР ЈАДРАН НЕМА СВЕТЛО ПОРАДИ ИЗГРАДБА НА ЗГРАДА

    УЛИЦА МАКЕДОНИЈА Е ВО МРАК КАЈ ХОТЕЛОТ „БРИСТОЛ“, НА СКВЕР ЈАДРАН НЕМА СВЕТЛО ПОРАДИ ИЗГРАДБА НА ЗГРАДАТуристичките работници велат дека ова е срамно со оглед дека автобусите ги оставаат туристите на улицата пред „Бристол“ и тие се збунети зошто нема светло. (Фото: СДК.МК)

    Делот на улица Македонија кај хотелот „Бристол“ е во мрак. Не работи ниту едно улично светло, единствена светлина доаѓа од Музејот на Град Скопје. Слична е состојбата и на скверот Јардан. Иако станува збор за локации во строгиот центар на градот, и таму не работи уличното осветлување поради градежни работи за изградба на зграда.

    Туристичките работници велат дека ова е срамно со оглед дека автобусите ги оставаат туристите на улицата пред „Бристол“ и тие се збунети зошто нема ниту едно светло.

    „Секој ден имаме збунети туристи, кои овде се симнуваат од бројните автобуси преку цел ден. Овој дел од улицата Македонија навечер е непрепознатлив, не се гледа буквално ништо доколку не се приближите до кафулето ‘Плеј‘ или до Музејот на Град Скопје. Со отворањаето на трговските центри ‘Дајмод мол‘ и ‘Рамстор мол‘, улицата е пофреквентна од претходно, меѓутоа после 17 часот потребно е поголемо внимание доколку одлучите оттука да се упатите кон нив“, велат туристички работници.

    Од Општина Центар велат дека се запознати со проблемот и дека заедно со Град Скопје работат на решавање.

    „Службите кои се одговорни за сервисирање и одржување на уличното осветлување на територијата на Општина Центар имаат направено увид на горенаведените локации, при што е констатирано дека делот на улица Македонија кај хотелот ‘Бристол‘ е во мрак поради проблеми со броилото, кое е во сопственост на Град Скопје. Ве известуваме дека Градот е запознат со проблемот и го решава заедно со службите на ЕВН. За втората локација, улицата кај Арапска куќа или хотел ‘Јадран’, направена е дислокација на броило поради новата градба. Ве известуваме дека моментално се работи на терен заедно со службите на ЕВН за негово повторно оспособување“, велат од Општина Центар.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира