Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Место тоа, Владата доби уште 5 години за да ги спроведе забелешките на УНЕСКО за заштита.
Одлуката е донесена на денешната седница на 48. сесија што се одржува во Бусан, Јужна Кореја, а „за“ гласаа 16 земји од вкупно 21 членка на Комитетот за светско наследство. УНЕСКО го одложи впишувањето на Охрид на Листата на светско наследство во опасност врз основа на потпишаното писмо со обврски и приоритети што ги презеде Владата и Општините.
Македонската делегација во Бусан ја води амбасадорот во Париз Игор Николов со неколку државни службеници од неколку министерства.
Во Нацрт-одлука на Комитетот се предлагаше „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион (Албанија, Северна Македонија) да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност“ затоа што напредокот е недоволен и заканите се сериозни, главните ризици не се отстранети.
На 18 јули, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата барала од УНЕСКО да ѝ даде рок од шест години за да постапи во однос на забелешките за заштита на Охридскиот Регион.
„Тоа е наследен проблем од порано. Ние презедовме активности како ниту една влада претходно. Тука беа луѓето од УНЕСКО пред некоја недела. Имаа работен викенд, ги посетија сите општини, разговараа со сите релевантни чинители, вклучително и со мене во Владата. Бараме да ни дадат период од шест години за да го исправиме тоа што било констатирано во минатото. И супермени да бевме, за две години не можеме да исправиме нешто што три и пол децении било расипувано. А, во овој случај, богами и малку повеќе, кога станува збор за дивоградбите и сето она што е правено долж охридското крајбрежје“, рече Мицкоски.
Во овој период 2017-2025, од СДСМ беа градоначалници Јован Стојановски (2017-2018) и Константин Георгиески (2018-2021), а од 2021 досега градоначалник е Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ. Токму локалната власт ги издава дозволите за градба и треба да ги урива дивоградбите.
- ПРОБЛЕМОТ НА ОХРИД СО УНЕСКО Е НАСЛЕДЕН ОД ЛОШИТЕ ИЗВЕШТАИ ВО ВРЕМЕ НА СДСМ, ВЕЛАТ ВЛАДАТА И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА
- ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИ ОХРИД, УНЕСКО ТРЕБА ДА ГО СТАВИ НА ЛИСТАТА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ
- УНЕСКО ГИ ИЗНЕВЕРИ СОПСТВЕНИТЕ ПРИНЦИПИ И ГО НАГРАДИ НЕПОЧИТУВАЊЕТО НА КОНВЕНЦИЈАТА ЗА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО, ОБВИНУВААТ 40 ОРГАНИЗАЦИИ ОТКАКО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН НЕ БЕШЕ СТАВЕН НА ЛИСТАТА ВО ОПАСНОСТ
На 16 јули, откако излезе Нацрт-одлуката со која УНЕСКО предлага Охридскиот Регион да се стави на Листата на светско наследство во опасност, од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека проблемот со зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион под УНЕСКО е наследен преку лошите извештаи добиени во периодот на владеење на претходната власт.
И лани, кога Комитетот за светско наследство на УНЕСКО им додели уште една година грејс-период на Македонија и Албанија наместо да го впише Охридскиот Регион во Листата на светско наследство во опасност, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека претходната власт е виновна што не се исполнети обврските кон УНЕСКО.
Мицкоски на 18 јули рече дека овој процес не зависи само од Македонија, туку и од Албанија, бидејќи Охридското Езеро е заедничко природно наследство.
Како и годинава, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и лани, на 47. сесија, во Нацрт-одлуката предложи Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светски природни и културни богатства во опасност. Но, Владата тогаш поднесе амандман да се повлече таа одлука и УНЕСКО им даде уште една година грејс-период на Македонија и Албанија. Ова беше жестоко осудено од 40 организации од Македонија, Албанија и други земји од Европа, кои обвинија дека Комитетот повторно ги игнорирал препораките на експертите.



