ПРОБЛЕМОТ НА ОХРИД СО УНЕСКО Е НАСЛЕДЕН ОД ЛОШИТЕ ИЗВЕШТАИ ВО ВРЕМЕ НА СДСМ, ВЕЛАТ ВЛАДАТА И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    ПРОБЛЕМОТ НА ОХРИД СО УНЕСКО Е НАСЛЕДЕН ОД ЛОШИТЕ ИЗВЕШТАИ ВО ВРЕМЕ НА СДСМ, ВЕЛАТ ВЛАДАТА И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАСпоред образложението во нацрт-одлуката, Комитетот предлага Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност затоа што напредокот е недоволен и заканите се сериозни, иако се признаваат одреден број позитивни чекори во двете држави. (Фото: СДК.МК)

    Проблемот со зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион под УНЕСКО е наследен преку лошите извештаи добиени во периодот на владеење на претходната власт, велат од Владата и Министерството за култура и туризам за САКАМДАКАЖАМ.МК, откако излезе Нацрт-одлуката со која УНЕСКО предлага Охридскиот Регион да се стави на Листата на светско наследство во опасност.

    Во најновата Нацрт-одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, стои: „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион (Албанија, Северна Македонија) да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност“. Конечната одлука Комитетот треба да ја донесе на 22 јули, во рамките на 48. сесија што од 19-29 јули ќе се одржи во Бусан, Јужна Кореја.

    И лани, кога Комитетот за светско наследство на УНЕСКО им додели уште една година грејс-период на Македонија и Албанија наместо да го впише Охридскиот Регион во Листата на светско наследство во опасност, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека претходната власт е виновна што не се исполнети обврските кон УНЕСКО.

    „Не само што не ги започна, туку и луѓе блиски до политичките партии од претходната Влада, продолжија да ги злоупотребуваат познанствата со поединци блиски во претходната Влада. Па така, некои од одобренија за реконструкции правата нови згради — да речеме, во центарот на Охрид. Понатаму, тој извештај за кој што станува збор се однесува на периодот од 2017 до март месец 2024 година, и препораката беше за тој период“, рече тогаш Мицкоски.

    Во овој период 2017-2025, од СДСМ беа градоначалници Јован Стојановски (2017-2018) и Константин Георгиески (2018-2021), а од 2021 досега градоначалник е Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ. Токму локалната власт ги издава дозволите за градба и треба да ги урива дивоградбите.

    Според образложението во нацрт-одлуката, Комитетот предлага Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност затоа што напредокот е недоволен и заканите се сериозни, иако се признаваат одреден број позитивни чекори во двете држави. Комитетот оценува дека клучните препораки од претходните мисии и одлуки не се спроведени, а деградацијата на исклучителната универзална вредност продолжува.

    Во заедничкиот одговор од Владата и Министерството, се вели дека целокупниот изминат период, континуирано преземаат активности кои се во насока на зачувување на статусот на Охридскиот Регион.

    „Потврда за тоа е и неодамнешната посета на Охридскиот Регион од страна на постојаните делегати – амбасадори при УНЕСКО во Париз, на државите членки на Комитетот за светско наследство кои во периодот од 26.06 до 28.06 реализираа работни средби со сите надлежни институции и локалната самоуправа со цел преку непосреден увид да можат да се запознаат со состојбите во регионот, тековните активности за имплементација на препораките и заложбите на државните и локалните власти за долгорочна заштита на светското природно и културно наследство. Во однос на прашањата за најновата одлука, нема предвремено да ги коментираме состојбите со оглед на фактот што одлуката сѐ уште не е донесена, а како Влада остануваме посветени со цел изнаоѓање најдобро решение за проблемот наследен преку лошите извештаи добиени во периодот на владеење на претходната власт“, ни изјавија Владата и Министерството за култура.

    Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и лани, на 47. сесија, во Нацрт-одлуката предложи Охридскиот Регион да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност. Но Владата поднесе амандман да се повлече таа одлука, и УНЕСКО им додели уште една година грејс-период на Македонија и Албанија.

    Ова беше жестоко осудено од 40 организации од Македонија, Албанија и други земји од Европа кои обвинија дека Комитетот повторно ги игнорирал препораките на експертите.

    „УНЕСКО ги изневери сопствените принципи и го награди непочитувањето на конвенцијата за светско наследство“, кажаа тогаш 40-те организации.

    Граѓанските активисти и годинава побараа Комитетот на УНЕСКО треба да го стави Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност за да добие поголема заштита.

    Откако Македонија и Албанија пред рокот на 1 февруари го испратија извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО за преземените мерки за заштита на Охрид и Охридското Езеро, на 9 февруари во дводневна работна посета на Париз на средби со раководството на УНЕСКО беше владина делегација со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и министерите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за култура и туризам Зоран Љутков и за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, како и градоначалниците на Охрид и Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира, за да „бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион“.

    Заклучно со 2021 година, во Македонија има две места на светско наследство кое е впишано во списокот на УНЕСКО – Охридскиот Регион, поречието на Длабока Река, и уште четири на опитниот список.

    Поречието на Длабока Река во Мавровско е прогласено за природно наследство во јули 2021. Од 2004 на опитниот список како природно наследство се Пештера Слатински Извор кај Македонски Брод, Маркови Кули кај Прилеп, како културно наследство од 2009 е Археоастрономско наоѓалиште Кокино кај Старо Нагоричане, а од 2020 црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново кај Ресен. Согласно правилата, некое место пред да се најде на списокот на светско наследство мора прво да е вклучено во опитниот список.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира