ВЛАДАТА ПОБАРА ОД УНЕСКО РОК ОД 6 ГОДИНИ ЗА ДА ПОСТАПИ ПО ЗАБЕЛЕШКИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН

    ВЛАДАТА ПОБАРА ОД УНЕСКО РОК ОД 6 ГОДИНИ ЗА ДА ПОСТАПИ ПО ЗАБЕЛЕШКИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКИОТ РЕГИОНКомитетот за светско наследство на УНЕСКО предлага Охрид да се стави во Листата на светско наследство во опасност (Фото: СДК.МК)

    Владата барала од УНЕСКО да ѝ даде рок од шест години за да постапи во однос на забелешките за заштита на Охридскиот Регион за да не биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Во најновата Нацрт-одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО се предлага „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион (Албанија, Северна Македонија) да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност“. Конечната одлука Комитетот треба да ја донесе на 22 јули, во рамкитe на 48. сесија, што од 19 до 29 јули ќе се одржи во Бусан, Јужна Кореја.

    Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Општина Дебарца, премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека Владата не може за две години да поправи нешто што со децении е уништувано.

    „Тоа е наследен проблем од порано. Ние презедовме активности како ниту една влада претходно. Тука беа луѓето од УНЕСКО пред некоја недела. Имаа работен викенд, ги посетија сите општини, разговараа со сите релевантни чинители, вклучително и со мене во Владата. Бараме да ни дадат период од шест години за да го исправиме тоа што било констатирано во минатото. И супермени да бевме, за две години не можеме да исправиме нешто што три и пол децении било расипувано. А, во овој случај, богами и малку повеќе, кога станува збор за дивоградбите и сето она што е правено долж охридското крајбрежје“, рече Мицкоски.

    Мицкоски вели дека овој процес не зависи само од Македонија, туку и од Албанија, бидејќи Охридското Езеро е заедничко природно наследство.

    Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и лани, на 47. сесија, во Нацрт-одлуката предложи Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светски природни и културни богатства во опасност. Но, Владата поднесе амандман да се повлече таа одлука и УНЕСКО им даде уште една година грејс-период на Македонија и Албанија. Ова беше жестоко осудено од 40 организации од Македонија, Албанија и други земји од Европа, кои обвинија дека Комитетот повторно ги игнорирал препораките на експертите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира