Бројот на хоспитализирани лица со ковид-19 во изминатите денови се зголемил на 150, при што ситуацијата е најсериозна во Тетово, изјави министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека делта сојот најмногу се шири меѓу невакцинираните. Тој додаде дека од хоспитализираните пациенти, помалку од десет отсто се целосно вакцинирани, но се во релативно добра здравствена состојба и не се критични.
„Се наоѓаме на почетокот на еден нов бран и тоа се случува секаде во регионот. На тоа укажуваат бројките на новозаразени, кои растат како кај нас, така и во земјите од соседството. Тоа се одразува и на болниците. Во моментов, Тетово е најкритичниот град, каде што има голем број приеми во Инфективното одделение и во модуларната болница. Веќе се хоспитализирани околу 45 пациенти. Договорено е, ако има потреба, дел од пациентите да бидат префрлени на Инфективната клиника во Скопје“, изјави Филипче.
Тој вели дека делта сојот сега е доминантен и во Македонија.
„Освен Тетово, бројот на новозаразени е во голем пораст и во Скопје и Гостивар, а во последните денови пораст има и во Куманово, Кичево, Кавадарци и Струмица, но таму нема притисок врз болниците. Вирусот најмногу се шири меѓу невакцинираните. Вакцините се ефективни, иако нешто помалку против делта сојот“, кажа Филипче.
Владата вчера усвои нови рестриктивни мерки, кои ќе бидат на сила од 16 август и Филипче смета дека тие не се воведуваат доцна. Ќе се забранат свадби и прослави во угостителските објекти во затворено, за влез на настани ќе се бара потврда за имунизација, а рестораните и кафулињата ќе смеат да работат само на летните тераси.
„Имаме доволно вакцини, околу 400.000 дози од ‘Синовак‘, ‘АстраЗенека‘ и ‘Фајзер‘ и во наредните недели ќе стигаат уште“, рече Филипче и повика на масовна вакцинација.
„Мерките кои ги воведе Владата за спречување на ширењето на ковид-19 важат за сите организирани настани, семинари, конференциии, посета на угостителски објекти и на затворено за што постојат протоколи и на отворено за што ги задолживме да направат редарски служби. Нема одлука за институциите. Ја користам можноста да апелирам до раководителите на сите институции и државни и приватни да ги мотивираат своите вработени, посебно тие институции кои работат со голем број луѓе тие вработени да се вакцинираат“, рече Филипче.
Филипче утрово, по координацијата со директорите на Клиниките во Скопје, директорот на Тетовската болница и Институтот за белодробни заболувања Козле,објави дека системот се организира, болниците се подготвуват за сите можни сценарија, за лекување на ковид пациенти, но истовремено да продолжи да тече редовната програма за итните случаи и пациенти со малигни заболувања како и ротации на персоналот.
Според вчерашните бројки, активни се 1.618 болни, најмногу се во Тетово 486 и во Скопје 474, а болни има уште во 23 градови низ земјава.
Г. КОНЕВ