ВАКВИ РАБОТИ ЌЕ СЕ СЛУЧУВААТ И НЕМА ДА ПРЕСТАНАТ, НАПАДИТЕ ДОАЃААТ ОД ЦЕНТРИ ВО ДРЖАВАТА И ОД НАДВОР, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО ПОЖАРОТ ВО СКОПСКО ТРУБАРЕВО

    ВАКВИ РАБОТИ ЌЕ СЕ СЛУЧУВААТ И НЕМА ДА ПРЕСТАНАТ, НАПАДИТЕ ДОАЃААТ ОД ЦЕНТРИ ВО ДРЖАВАТА И ОД НАДВОР, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО ПОЖАРОТ ВО СКОПСКО ТРУБАРЕВО„Имам информации од органите, нападите доаѓаат од центри во државата и надвор“, рече Мицкоски во Трубарево во првата изјава 24 часа откако избувна пожарот. (Фото: Фејсбук)

    Вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, по посетата на просторот во скопско Трубарево. Вчера избувна пожар во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево за отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад.

    „Сакам да упатам апел до граѓаните дека вакви подметнувања, диверзии, ќе има и во периодот кој следи. Затоа што има центри на моќ, во државава но и надвор, кои не сакаат оваа Влада да успее. Но, ние ќе се бориме. Тие ќе продолжат да подметнуваат, да креираат, да лешинарат, а ние ќе продолжиме да работиме, да се бориме и да победиме“, рече Мицкоски во првата изјава која следи 24 часа откако избувна пожарот.

    Новинарите инсистираа да каже повеќе информации, откако и вчера, а и денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов рече дека Македонија е мета на хибриден напад, но премиерот рече: „Ова е доволно. Тоа што мислев кажав. Имам информации од органите, нападите доаѓаат од центри во државата и надвор“.

    Вчера на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали и што ќе преземе за одбрана и заштита од нападот, со оглед на изјавата на директорот Ангелов, од Владата одговорија дека се преземаат сите активности, сите институции во целост се посветени на разрешување на случајот.

    „Министерството за внатрешни работи истражува, институциите се на терен и навремено и постојано ќе ја информираме јавноста за сите чекори кои ги презема Владата со цел гарантирање на безбедноста на граѓаните“, одговорија вчера од Владата.

    Вчера, веднаш по изјавата на Ангелов, САКАМДАКАЖАМ.МК. испрати прашање и до Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, дали ќе свика итна седница на Советот за безбедност. Во 23.05 часот, Кабинетот на претседателката одговори:

    „Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е целосно информирана и за пожарите во депониите Вардариште и Дрисла коишто се надлежност на Градот Скопје и за пожарот во објектот кај Трубарево. Таа ја следи состојбата и е во постојана комуникација со сите надлежни институции коишто работат на утврдување на причините за пожарите, на санирање на последиците и на превенирање на слични идни инциденти. Советот за безбедност ќе биде свикан доколку проценките на надлежните служби укажат на потреба за тоа“.

    Командирoт на Скопската противпожарна бригада, Звонко Томовски рече дека „Макпетрол“ и „Окта“ им излегле во пресрет со хемиска пена со која пожарот побрзо беше ставен под контрола, а „Макпетрол“ донирале 4.000 литри пенило, бидејќи нивните резерви на пенило, од 3,5 тона,  ги потрошиле при првичниот удар. Томовски е задоволен од целата операција, бидејќи станувало збор за тежок пожар, а ниту еден пожарникар не е повреден, нити пак жител на населбата.

    Министерот за здравство Азир Алиу претходно кажа дека на Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на Трубарево, која живее во непосредна близина на пожарот, и која имала вртоглавица и кашлица. Повредени се и еден полицаец, припадник на АРМ и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, но тие биле амбулантски прегледани и се пуштени на домашно лекување. Сите четири лица се надвор од животна опасност.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира