СЕ АПСАТ АКТУЕЛНИ НАЧАЛНИЦИ И ПОЛИЦАЈЦИ КОИ БИЛЕ НА СМЕНА ЗА ВРЕМЕ НА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ

    СЕ АПСАТ АКТУЕЛНИ НАЧАЛНИЦИ И ПОЛИЦАЈЦИ КОИ БИЛЕ НА СМЕНА ЗА ВРЕМЕ НА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИПриведени се над 10-ина полицајци и нивни претпоставени, детали за акцијата ќе има утре (Фото:СДК.МК)

    Под раководство на Обвинителството за организиран криминал и корупција, приведени се над 10 актуелни полициски началници и полицајци кои биле на смена ноќта на 16 март 2025 година кога се случи страшната трагедија во дискотеката „Пулс“ во која изгореа 62 млади лица, а над 200 се повредени.

    Според неофицијалните сознанија, раководните лица и полицајците се од СВР Штип и од Полициската станица Кочани.

    Досега ОЈО за организиран криминал има осомничено 7 полициски службеници, но од поранешните структури, пред да дојдат овие со новата власт.

    Над три месеци секоја сабота родителите на загинатите момчиња, девојчиња и малолетници маршираат и протестираат пред полициската станица во градот, барајќи одговорност и од службените лица кои критичниот период, односно критичната ноќ биле на функции, односно на смена.

    Скршените родители како и целата јавност се убедени дека

    директен придонес да се случи катастрофалниот пожар имале и актуелните началници и инспектори во полициската станица Кочани, а не само поранешните кои одамна се осомничени и притворени.

    За утре напладне Обвинителството најавува детали за најновите приведени во акцијата на МВР во врска со трагедијата. Патем, пред некој ден Обвинителството соопшти дека истрагата е завршена и се собрани огромен број докази. Но тоа не ги смири родителите кои тврдат дека имаат сведоштва и информации и за актуелните раководства на Кочанската полиција и на СВР Штип кои со својата пасивност и блискост со газдата на импровизираната дискотека, придонеле да загинат нивните деца.

    За полициските службеници кои беа осомничени во претходните акции, Обвинителството рече дека тие му дозволувале на кабарето да работи иако знаеле дека станува збор за супстандарни услови.

    „Како службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа. Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.03.2025 година во објектот настана пожар со катастрофални последици“, кажа Обвинителството за нив пред три месеци.

    Ако се има предвид дека „Пулс“ работела последните две години без лиценца, лесно е да се заклучи дека ова се поранешни началници и инспектори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира