Скопско Дебар Маало ќе се затвора за коли од петок во 18 часот до понеделник во 6 часот наутро. Општина Центар изработи сообраќајно решение со коe низ Дебар Маало ќе се постават рампи за да се забрани влез на возила и да се реши проблемот со големите гужви и паркирани коли насекаде.
Сообраќајното решение предвидува во првата фаза да се постават рампи на четири влезови во Дебар Маало, и тоа на улиците Орце Николов, Ленинова и 29 Ноември и на булеварот Климент Охридски. Ќе биде дозволен влез само за жителите во овој дел од општината со посебни картички, а граѓаните ќе можат да влезат, но нема да смеат да се задржат повеќе од 15 минути. На влез ќе земат картичка и во рок од 15 минути ќе мора да заминат од оваа зона без возила. Доколку не излезат за 15 минути, тогаш ќе мора да платат, а цената ќе биде висока, се планира да биде 3.000-6.000 денари.
„Во моментов за викендите во Дебар Маало владее хаос. Нема место за паркинг и џабе со колите се вртат кругови низ улиците. Сообраќајот е целосно закрчен, а пешаците немаат каде да се движат. Со ова решение сметаме дека ќе се реши проблемот. Ако некој има реална потреба, ќе може да влезе и за 15 минути да излезе. Чекаме решението да биде одобрено од Министерството за внатрешни работи и од Град Скопје и да почне да се работи на негово спроведување“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Општина Центар.
Ќе биде воведен и режим за движење на возила за дотур на роба. Камионите на добавувачите ќе смеат да влезат во Дебар Маало секој ден само од 7 до 9 часот. И за нив ќе има казни доколку бидат затекнати дека вршат дотур после 9 часот.
Од Општината сметаат дека нема законски пречки ова решение да биде воведено.
„Иако според Уставот е загарантирано правото на слободно движење, ние со ова решение не забрануваме движење бидејќи имаме рамка од 15 минути за влез и излез, само забрануваме паркирање. Сметаме дека проектот ќе биде одличен и потоа ќе може да го прошириме и кон Градски парк и во други делови од Општината“, додаваат од Општина Центар.
А. АНТЕВСКА