Авиокомпанијата „Визер“ од Скопскиот аеродром година што изминува укина шест авиолинии, а в година ќе воведе нови три. Со почетокот на зимската сезона на летање укинати се летовите до Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста, после Божиќ нема да има лет ни до Бремен, а од април е прекината и продажбата на билети за Салцбург. Луксембург беше укинат кон средината на јануари годинава после само два месеци летање.
Во 2023 година на огласот на Владата за субвенционирање на авиолинии, „Визер“ доби субвенции за летови до Љубљана, Салцбург, Луксембург и Штутгарт, но од овие линии функционира само авиолинијата Скопје-Љубљана. Годинава пак на новиот оглас на Владата унгарската нискобуџетна авиокомпанија субвенции доби за Лион, Барселона и за Штутгарт кој никогаш не профункционира иако беше избран и на претходниот оглас. Според договорот за субвенционирање „Визер“ овие линии треба да ги оперира три години.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека во моментов „Визер“ добива субвенции од Владата само за летот до Љубљана. За другите авиолинии не е склучен договор.
„Авиокомпанијата ‘Визер‘ започна да ги оперира дестинациите Луксембург и Салцбург, но до Министерството за транспорт беше испратено известување во кое авиокомпанијата информира дека поради технички причини со воздухопловите ги откажува договорите за дестинациите Луксембург, Салцбург и Штутгарт бидејќи не може да ги исполни обврските согласно договорот. ‘Визер‘ ги оперира дестинациите Луксембург и Салцбург согласно сопствените бизнис планови и технички можности без притоа да побара финансиска подршка за истите, а Министерството до сега нема исплатено финансиски средства кон компанијата за овие линии. Единствено согласно Програмата 2023-2025 година, активна линија која ја оперира и за која добива финансиска подршка е линијата Скопје-Љубљана“, велат од Министерството.
- НОВ ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ АВИОЛИНИИ, ЌЕ ТРАЕ ДОДЕКА НЕ СЕ ПОТРОШАТ 3,3 МИЛИОНИ ЕВРА
- ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ЗАВИСНОСТА ОД ВИЗЕР, ВЛАДАТА НАМЕСТО КОМПАНИИ ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА АВИОЛИНИИ, ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПО ПАТНИК ВО ДОАЃАЊЕ, А НЕ ВО ЗАМИНУВАЊЕ
Од Министерството објаснуваат дека согласно договорот со „Визер“ потпишан на 19 април 2023 година, доколку корисникот во одреден момент по користење на финансиската поддршка престане да ја оперира новата дестинација, истиот се обврзува да ги врати сите исплатени средства за таа дестинација. „Визер“ не треба да плаќа пенали за укинатите линии оти за нив како што велат од Министерството, не добива субвенции.
„Менаџирањето на дестинации е одлука на авикомпаниите согласно нивните деловни политики и економска исплатливост и во истите Министерството за транспорт нема влијание во услови на слободен пазар. Министерството за транспорт за да го поттикне и да го унапреди ависообраќајот веќе објави еден јавен повик за финансиска поддршка за сите заинтересирани компании и врз основа на тој повик се обезбедија нови шест дестинации и тоа Барселона, Лион, Штутгарт и Дубаи од Скопје и кон Базел и Истанбул од Охрид. Во меѓувреме имаме нов отворен јавен повик со олеснати критериуми и постапки за сите заинтересирани авиокомпании кои ќе понудат нови дестинаиции по поволни услови. Целта на Владата преку Министерството за транспорт е да ја зголеми конкуренцијата на домашните аеродроми во регионот како и да стимулира економски раст и развој на државата. Очекуваме преку овие мерки да зголеми бројот на превезени патници низ домашните аеродроми, а дополнително да привлечеме 200 илјади нови туристи во земјава. Во соработка на Министерството за транспорт и ТАВ Македонија се обезбеди и линијата Скопје – Амстердам, која од следната година ќе ја оперира авиокомпанијата ‘Трансавиа‘“, додаваат од Министерството.
Бројот на патници на Скопскиот аеродром континуирано опаѓа во споредба со лани последните неколку месеци токму поради зависноста од „Визер“. Поради проблеми со моторите „Прат и Витни“ на дел од флотата на „а321“ од новата генерација на авионите „ербас“, околу 40 авиони на комп„, па „Визер“ крати линии не само од Македонија, туку и од другите бази во Европа. Освен тоа, наместо шест, како што беше летото 2023, оваа година од Скопската база лета со пет авиони.
Со укинување на летовите на „Визер“, се предвидува дека на Скопскиот аеродром ќе има намалување на бројот на патници и идната година. Според податоците на специјализираната веб страна „ексју авиејнш“, во јануари 2025 „Визер“ пушта во продажба карти за 261.502 седишта, што е намалување за 14,6 отсто. Бидејќи авиокомпанијата го намали капацитетот на седишта од Скопје за 27,6 отсто во споредеба со минатата година, во моментов има удел во вкупниот авиосообраќај од 55,7%. На второ место изби турската „Пегасус“, исто така нискобуџетна компанија, со удел од 12,8 отсто.
И грчката авиокомпанија „Ејџијан“ најави дека ќе го намали бројот на летови во летната сезона идната година. Наместо шест пати неделно од Скопје за Атина ,ќе се лета три пати. Ќе се намали и бројот на патници бидејќи ќе се лета со помал авион. Минатиот месец грчкиот авиопревозник ја укина линијата Скопје – Сараево и нема да ја враќа во резервациониот ситем ни следното лето.
Со новиот зимски ред на летање и „Изиџет“ ја укина линијата Женава – Скопје, но најави дека размислува да се врати на македонскиот пазар со лет до парискиот аеродром Орли, иако ни тие карти не се ставени во резервациониот систем.
А. АНТЕВСКА