Преку програмата на Европската Унија „ЕУ за Преспа“ догодина ќе се доделуваат грантови за развој на туризмот во преспанскиот крај. Од канцеларијата на УНДП, кои се спроведувачи на програмата, велат дека преспанските села имаат огромен туристички потенцијал, а странските гости се воодушевени од Преспа, па затоа спроведуваат програма за помош на локалното население за отворање нови сместувачки капацитети.
„Преспа има потенцијал за еко-туризам и за одржливи форми на туризам и во тој дел наредната година ќе има програма со сет обуки и менторства. Ќе биде распишан и повик за доделување грантови за подобрување на сместувачките капацитети во Преспа, како и програма за изградба на пешачки и велосипедски патеки. Туристите секогаш имаат позитивни критики за Преспа. Сите ние ја паметиме Преспа кога имала големи одморалишта и плажи. Сега тие не работат, но со тоа што Преспа се наоѓа меѓу два национални парка и има езеро, има голем потенцијал за активен туризам. Токму затоа ќе се спроведуваат овие обуки, за да им се помогне на жителите да спакуваат проект со кој ќе може да аплицираат за грант, а тоа ќе придонесе за развој на регионот“, вели Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП на проектот „ЕУ за Преспа“.
Еко-системот во Преспа се соочува со промени и климатските промени се дел од причините зошто водата се повлекува. Пола од водниот капацитет е изгубен во последниве 30 години и поради тоа се предвидени пари за сет мерки кои ќе спречат понатамошни загуби на водата. Со програмата на УНДП е предвидена изградба на канализација и пречистителни станици во шест села: Претор, Сливница, Долно Дупени, Брајчино, Стење и Крани.
„Ретко е вакви средини во државата да добиваат ваков тип на третирање отпадна вода. Ќе се работи и на третирање на цврстиот отпад, со тоа што 11 села ќе добијат систем за третирање на комуналниот отпад. Ќе се собира ѓубрето преку комуналното претпријатие ‘Ресен‘, секоја куќа ќе добие канти за одлагање отпад и ќе се купат два нови камиона и дополнителна механизација. Предвидено е и чистење на шест диви депонии во овој крај. Ќе има и сет мерки за да се зајакне капацитетот на комуналното претпријатие во однос на загубите на вода, кои се огромни. Хидробиолошкиот институт од Охрид ќе прави испитување на водата во езерото и сето тоа води кон крајната цел, заштита на природата“, додава Милевска.
Предвидено е и унапредување на системот на наплата со дигитализација на услугите, со што граѓаните ќе можат онлајн да ги плаќаат сметките.
„ЕУ за Преспа“ е програма на Европската Унија во вредност од 18 милиони евра за заштита на природата во овој дел од Македонија и за подобрување на економскиот раст. Од тоа, 14 милиони евра УНДП ги имплементира во два проекта: првиот е за заштита на природата со сет мерки, а вториот е економски развој, особено одржливо земјоделство и одржлив туризам. Во проектот е предвидена и прекугранична соработка бидејќи Преспанското Езеро го делиме со Албанија и Грција.
А. АНТЕВСКА