Премиерот Христијан Мицкоски и Владата ретерираа од секојдневните јавни прозивки Љупчо Коцевски да си даде оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија. Каков и да биде одговорот од Советот на јавни обвинители, тој нема да биде испратен до Собранието, бидејќи Владата без објаснување ја запре постапката за разрешување на Коцевски. Ова се случува по истрагата за пожарот во кочанската дискотека со 59 жртви.
„Она на што се однесуваше дека како Влада ќе ја прекине постапката се однесува на делот што Владата потоа по добиеното мислење треба да го испрати таквото мислење до Собранието. Да појаснам дека Владата, и доколку добие мислење од страна на Советот на јавни обвинители, ќе ја запре постапката односно истото нема да го прати до Собрание, а се разбира Советот на јавни обвинители согласно роковите кои што ги има ќе постапува“, изјави денеска владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција во Владата.
На 18 февруари, Министерство за правда на владината седница го достави мислењето за работата на Државниот обвинител Љупчо Коцевски, во кое бил нотиран нарушен углед на институцијата со која раководи Јавниот обвинител, спротивно на член 4 став 1 од Законот за Јавно обвинителство. Согласно вака утврденото мислење, Владата го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на Јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Откако ќе го добие Владата треба да го достави предлогот до Советот на јавните обвинители од каде, согласно законските одредби, потребно е да се добие мислење. Советот треба за 15, а најдоцна за 30 дена треба да врати мислење до Владата, дали се согласува и зошто не.
Советот на јавни обвинители денеска ја одложи седницата на која требаше требаше да заседава и да изгласа мислење за иницијативата за разрешување на Коцевски.
Пред пожарот на 16 март во неисправната и незаконска дискотека со фалсификувана лиценца „Пулс“ во кој загинаа 59 млади луѓе, од кои 6 деца, а беа повредени 197 од кои 25 деца, премиерот Мицкоски интензивно изјавуваше незадоволство од работата на Државниот обвинител, што на крајот резултираше со формална иницијатива за негова смена. Од Владата сега нема информација зошто ја запре постапката за разрешување на Коцевски.
Во истрагата за пожарот во Кочани, засега има вкупно 34 осомничени, а во притвор се 31, меѓу кои и тројца градоначалници на Кочани и тоа актуелниот во оставка Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ, како и поранешните Ратко Димитровски ОД ВМРО-ДПМНЕ и Николчо Илијев од СДСМ, како и групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија.
Покрај ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, од високите носители на функции во притвор е и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски и раководители на сектори, а во истрагата досега не се опфатени актуелни функционери во власта.
Тимот на обвинителите е зголемен на 11 истражители кои планираат да направат распит на над 300 сведоци.
С. К. ДЕЛЕВСКА