ВО ОХРИД ИМА 4.847 ДИВОГРАДБИ, МЕЃУ КОИ ЗГРАДИ И ХОТЕЛИ, ОД 456 РЕШЕНИЈА ЗА УРИВАЊЕ НИЕДНО НЕ Е СПРОВЕДЕНО, УТВРДИЛ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР

    ВО ОХРИД ИМА 4.847 ДИВОГРАДБИ, МЕЃУ КОИ ЗГРАДИ И ХОТЕЛИ, ОД 456 РЕШЕНИЈА ЗА УРИВАЊЕ НИЕДНО НЕ Е СПРОВЕДЕНО, УТВРДИЛ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР23 кафеани користат јавна површина без одобрение за урбана опрема и без плаќање комунална такса, а тие што платиле за 3 месеци, го користат јавниот простор 12 месеци.(Фото: Фронт 21/42)

    Државниот завод за ревизија (ДЗР) во контролата на работењето на Општина Охрид за 2024 година, открил во дел од населените места се изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не биле издадени одобренија за градење. Во 2024 градоначалник на Охрид, градот заштитен со УНЕСКО, беше Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, кој во ноември 2025 го почна и вториот мандат.

    „Општината нема донесено урбанистичките планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505 илјади денари е без Програма и претходно обезбедена согласност од Советот“, соопшти денеска Државниот завод за ревизија.

    Во постапките за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се следи наплатата на надоместокот за уредување на правен статус на бесправно изградени објекти кој е на одложено плаќање (12 еднакви месечни рати), така што издадени се решенија со само една извршена уплата. Иако Советот имал донесено 1.748 одлуки за утврдување на потребата од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, во рок од пет години по нив не е постапено.

    „За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети иако овластените градежни инспектори за период од 2019-2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со ‘Планот за заштита на културно наследство’ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк ‘Галичица’, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот“, се вели во Извештајот.

    Не е донесен урбанистички план за крајбрежјето (појасот со ширина од 50 метри, сметано од границата на КП 1/1 „Охридско Езеро“), а за Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење/согласност од Управата за заштита на културното наследство.

    Во текот на 2024, 23 угостителски објекти користат јавна прометна површина без издадено одобрение за поставување на урбана опрема и уплатена комунална такса за користење на просторот, а издадените одобренија иако се однесуваат за период од 3 месеци, се користат за 12 месеци.

    Поставената урбана опрема, (натстрешници кои се градежно прицврстени на јавната површина со фиксна конструкција, челични столбови, затворен простор со стаклена преграда) не претставува лесно монтажен-демонтажен елемент и ја нарушува основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот.

    За вршење на угостителска дејност надвор од деловниот објект на простор наменет за давање угостителски услуги, не се издадени одобренија од градоначалникот на Општината, согласно Законот за угостителска дејност.

    Државниот завод за ревизија извршил ревизија и на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Охрид, за 2024 година.

    Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на Општината и поради нивното значење изразено е мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет (630) и неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики за сметката на основен буџет (637).

    „Општина Охрид нема искажано побарувања по основ на надоместок за одржување на јавна чистота, а ЈП Охридски Комуналец со години не ги уплаќа овие средства во општинскиот буџет. За 2024 година, по овој основ јавното претпријатие прикажало обврски од 22.880.000 денари, а општината има поднесено тужби за 2021, 2022 и 2023 година во износ од 53.831.000 денари. Исто така, не се искажани побарувања за комунална такса за користење на простор за паркирање на моторни возила на територијата на општината. Јавното претпријатие кое стопанисува со паркинзите на подрачјето на општината ЈП Билјанини извори Охрид со години ја нема уплатено комуналната такса, чија што обврска според евиденцијата на претпријатието, изнесува 3.901.000 денари“, вели Државниот завод за ревизија.

    Ревизорите откриле и друго сомнително однесување со општинските пари, за кое не знаел Советот на Општината.

    „Без Одлука од Советот на Општината, извршен е отпис на побарувања од буџетски корисници во износ од 534.000 денари за фактурирани комунални трошоци во период од 2017-2020 година и отпис на 4.832.000 денари, претплатни салда за кои нема соодветна поткрепувачка документација, а се однесуваат на повеќе физички и правни лица. Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, a за данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок, не се пресметува и наплатува камата“, вели ДЗР.

    Надоместокот за уредување на градежното земјиште се пресметува по Одлуки од 1997, 1999 и 2011 година, во кои е утврден процентот на висината на надоместокот по зони од просечна градежна вредност по 1 м2 за нето површина во износ од 17 илјади денари, а зоните не се ажурирани според степенот на уреденост, што влијае на остварените приходи и средствата потребни за уредување на земјиштето.

    Врз основа на спогодба од 2023 година, извршена е експропријација на градежно земјиште во КО Велгошти, сопственост на правно лице, кое земјиште согласно Генералниот урбанистички план (ГУП) е наменето за градење на објекти за општа употреба/гробишта, а како надомест за експроприраното земјиште се дава градежно земјиште во државна сопственост со намена хотелски комплекс. Согласно извршената проценка од страна на овластен проценител експроприраното градежно земјите е проценето во вредност од 3.315.000 денари, додека земјиштето кое се дава како надомест на 2.622.000 денари, а за разликата од 693 илјади денари. понудена е друга недвижност за која сеуште постапката е во тек. Со оглед дека се предлага надоместок за експроприрана недвижност на друго државно земјиште предметот е доставен и до Државното правобранителство на РСМ кое укажува да се запазат одредбите од Законот за води кои се однесуваат на земјиште кое не смеело да биде предмет на правниот промет, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на крајбрежниот појас на Охридското Езеро“, вели ДЗР.

    Реализацијата на програмските активности од областа на културата е без објавен јавен повик или објава на веб страната на Општината и без претходно утврдени јасни критериуми и услови за распределба и користење на средствата. Од друга страна, на спортските клубови и спортски здруженија кои не аплицирале на јавен повик доделени се 37.400 илјади денари, (59%) од вкупните средства на Програмата.

    Од Општината исплатени се субвенции за јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505.000 денари односно 592 илјади евра, без претходно обезбедена согласност од Советот и донесена Програма за субвенционирање. Средства се наменети за сервисирање на доспеани обврски, односно тековно-оперативните трошоци и инвестициони вложувања, а исплатите се вршени по некомплетни барања и документација за извршениот обем на активности од годишниот план за работа на јавните претпријатија.

    Општината нема воспоставена материјална и сметководствена евиденција на приемот и издавањето на материјалите, обврските не се евидентираат навремено, а пописот на средствата и обврските не е извршен на начин предвиден во законските и подзаконските прописи, утврди Државниот завод за ревизија.ж

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира