ВРЗ ОСНОВА НА ШТО ВИЕ ГИ СТАВАТЕ В УСТА МАЈКИТЕ ШТО ИМААТ ДЕЦА, ЈАС ИМАМ ДВА СИНА И ЗНАМ КОЛКУ ТРОШИ 4-ЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО, Ѝ РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА НА ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА

    ВРЗ ОСНОВА НА ШТО ВИЕ ГИ СТАВАТЕ В УСТА МАЈКИТЕ ШТО ИМААТ ДЕЦА, ЈАС ИМАМ ДВА СИНА И ЗНАМ КОЛКУ ТРОШИ 4-ЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО, Ѝ РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА НА ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА„Ако имаше дно, вие го пробивте“, рече кусо Петровска за навредите од министерката Гордана Димитриеска-Кочоска. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, која го искористи законското право да постави пратеничко прашање на седницата во Собранието ѝ кажа дека таа нема право во прашањата да спомнува мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена и има два сина.

    Петровска постави три прашања и второто беше за Димитриеска-Кочоска.

    „Министерке, пред една недела имавте за мене нелогична изјава, кога рековте дека за вас не може да биде логично да се купува грашок од конзерва и дека едно 4-члено семејство треба во еден месец да конзумира 13 литри млеко. За цената на табла јајца не коментирам, можеби имате некој попуст за редовност. Не сакам оваа дебата со вас да ја претворам во споделување рецепти итн, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство, многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Подеднакво важно е за една мајка дали ќе може цел месец на своите деца да им дава по една чаша млеко. Зашто, ако ја направиме логиката како што вие ја направивте за едно 4-члено семејство, тогаш ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни, освен ако не го заменувате со бадемово или со некое друго. Моето прашање е следно: Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење, не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа?“.

    Министерката Димитриеска-Кочоска излезе на говорница многу лута.

    „Пратеничке Славјанка Петровска, не можам да ве кажам почитувана. За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство. И научете во пописот што вие го направивте, едно просечно семејство е 3-члено, а не 4-члено. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме. Мораме да одиме во најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок. Тоа беше коментарот, зошто да купуваме грашоци кои се поскапи од 100 денари. Исто беше и за млекото. Некој може троши и по 18 литри, а некој воопшто не пие. Бадемовото вам ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!“, рече видно нервозна министерката и ја напушти говорницата.

    Петровска не изреагира на навредите и објасни зошто.

    „Мислев, министерке, дека извлековте поуки од вашите претходни испади на Комисијата за финансирање и буџет, кога ве повлекоа од партијата со наредба да не доаѓате во Собрание, по што го праќаа вашиот заменик. Нема да одговарам на вашите неумесни коментари. Ако имаше дно, вие го пробивте“, рече Петровска.

    Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски подоцна најостро ја осуди, како што ја нарече, срамната, навредлива и дискриминаторска изјава на министерката за финансии, упатена кон пратеничката Петровска и побара Димитриеска-Кочоска јавно да се извини.

    „Во обид да избега од личната одговорност за сериозното влошување на животниот стандард на граѓаните, министерката Кочоска не се двоумеше да се впушти во лични навреди, коментирајќи го приватниот живот на колешката Петровска. Со тоа, таа го покажа вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ – партија која наместо аргументи, секогаш се служи со дискредитации, дискриминација и навредување на жени во политикат. Ова е крајно недолично, дискриминаторско и понижувачко однесување кое не смее да има место во политичкиот дискурс, а особено не во македонското Собрание. Со оваа изјава, Кочоска уште еднаш го потврди лицемерното ‘демо-христијанско’ однесување на ВМРО-ДПМНЕ – секогаш прибегнување кон дискриминација и омаловажување на жените кога нема аргументи. Зборовите на министерката претставуваат груб напад врз секоја жена во Македонија која се бори за свое место во општеството и политиката“, објави Спасовски на својата фејсбук страна.

    ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа министерката Димитриеска-Кочоска, која е и потпретседателка на партијата. Во партиското соопштение во кое ја напаѓа пратеничката Петровска, ВМРО-ДПМНЕ ѝ го погреши и името – ја вика Славица место Славјанка – и вели дека таа се претставува како жртва секогаш кога ќе биде повикана на одговорност.

    „Наместо да даде конкретни аргументи и да се соочи со реалноста, таа секој пат користи истата стара тактика – глуми нападната и го пренасочува фокусот од суштинските прашања. Последниот случај е уште еден доказ за ова. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, зборуваше за реалните трошоци на едно четиричлено семејство, нешто што сите граѓани го чувствуваат на своја кожа. Но, наместо аргументирана дебата, Петровска повторно избра да игра на картата на жртвата, надевајќи се дека така ќе ги избегне суштинските теми. Граѓаните заслужуваат одговори, а не лажна емпатија и театралност. Време е Петровска да престане со оваа политичка манипулација и конечно да понуди нешто повеќе од лични повреди и празни фрази“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира