По извршената контрола на регионалниот колектор кој ги прибира отпадните води од населените места околу Езерото Младост, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) бара дислокација на делницата од крајбрежниот појас на локација над хотелите. Овој пречистителен систем го одржува ЈКП „Дервен“ од Велес, а инспекторатот констатирал дека дел од забелешките биле отстранети, дел не можеле да се реализираат.
„При контролниот надзор се констатира дека ангажирана е машина за да ја пронајде ревизионата излезна шахта од сифонскиот дел која е затрупана, но поради големото количество земја која е депонирана на локацијата, а со текот на годините земјениот материјал е набиен, шахтата не е пронајдена. На овој потег затрупани се последователно уште две шахти со големо количество депонирана земја, на кои исто така при надзорот не можеше да се изврши ревизија за да се утврди протокот на отпадната вода која тече низ колекторот после сифонскиот дел. Од овие причини, извршен е увид на следната пристапна и слободна ревизиона шахта, при што се констатира дека низ истата слободно тече фекална вода“, се вели во решението на ДИЖС.
Во решението се вели и дека при контролниот надзор се констатира дека на крјбрежниот појас на потегот Бела Вода – хотел ‘Романтик’ е „извршена санација на оштетените шахти со премачкување на внатрешноста на шахтите и на споевите помеѓу бетонските прстени со водонепропустени премази, со цел спречување на комуникацијата на езерската вода и фекалната вода од Регионалниот колектор“.
„Од страна на ЈКП ‘Дервен’ направен е обид да се изврши санација на шахтата во крајбрежниот дел кај хотел ‘Романтик’, каде при вонредниот надзор беше видливо дека кинетата-дното на шахтата е пропаднато за 10-20см. Но на теренот има објективни технички пречки за да се изврши оваа мерка во целост, од причина што при изведбата постои голема можност со ваквите активности да се предизвика дополнително загадување, во услови на интензивна продукција на органска маса и загадување на водата во езерото“, се вели во решението на ДИЖС.
Претходно, ДИЖС го задолжи „Дервен“ да се спроведе чистење на Регионалниот колектор на потегот Бела Вода – хотел „Романтик“, а потоа да се изврши стручен преглед за функционалноста на системот и да се изготви стручен писмен извештај дали фекалната канализација-колекторот има влијание врз квалитетот на водата во Езерото Младост. Донесено е ново решение со кое велешкото комунално претпријатиле било дополнително задолжено да изврши технички интервенции на излезната шахта од сифонскиот дел, за непречен увид на пропусната моќ на регионалниот колектор, но и да се изврши санација на оштетени шахти покрај крајбрежниот појас на потегот Бела вода – хотел „Романтик“ и спречување на пропуштање вода во околината во Езерото Младост.
Колекторскиот систем ги прибира отпадните води од селата Кумарино, Сујаклари и Отовица и сателиската населба околу Езерото Младост. Пречистителната станица кај село Новачани е од аеробен тип и таа уште од почетокот на работа на колекторскиот систем 2004 година не е ставена во употреба, иако има опрема. Или, отпадните води од неа одат директно во реката Вардар.
Никој не управув со вториот крак, кој минува покрај новоизградените мотели на Езерото Младост. Од локалната власт најавуаат дека на некоја од наредните седници на Советот ќе предложат со одлука „Дервен“ да го преземе и да се грижи за него.
П. ПЕЧКОВ